Прв папа во официјална посета на земјава – Франциск денес ќе одржи света литургија на скоскиот плоштад


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На 25-годишнината од воспоставувањето на политичките односи меѓу Македонија и Ватикан, првиот човек на римокатоличката црква, папата Франциск, ќе биде прв папа што ја посетува нашата земја од нејзиниот осамостојување.

Покрај религиозната симболика, посетата на папата во Скопје има големо политичко значење, велат упатените, според кои, меѓу другото, со неговото доаѓање тој испраќа своевидна порака за поддршка на Северна Македонија за нејзината евроатланска ориентација. Поранешниот дипломат Благој Зашов вели дека папата доаѓа во многу значајно време, а тоа е периодот во кој, според него, државата успеа да реши некои спорови со соседите преку потпишување на соодветни договори.

„Папата е голем државник за кој иако се мисли дека раководи само со Католичката црква, тој во исто време има влијание и во европските и светските кругови за решавање на различни спорови и тешки прашања кои се јавуваат насекаде низ светот. А, Балканот е таков терен за кој неговото доаѓање може да помогне да се решат и некои работи на подобар начин отколку во минатото“, вели Благој Зашов.

На светата литургија која на 7-ми мај папата ќе ја одржи на Плоштадот Македонија граѓаните не смеат да аплаудираат, ниту да му фрлаат цвеќиња. Граѓаните кои ќе се движат кон Скопје со автомобили и автобуси треба да бидат обележани со плакат или некаков знак за распознавање, а се препорачува тоа да биде официјалното лого за посетата. На влезовите во градот ќе има полиција која ќе ги насочува кон паркингот каде ќе ги дочекаат волонтери кои ќе ги насочуваат кон плоштадот каде ќе се одржува Светата миса на која се очекува да присуствуваат најмалку 15.000 верници.

Папата Франциск покрај литургијата на плоштадот ќе се сретне и со претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев. Во спомен куќата на Мајка Тереза на улица Македонија ќе се сретне со поглаварите на сите верски заедници.