ПРОБЛЕМИТЕ во ВМРО ДПМНЕ продолжуваат: Илија Димовски се откажува, Попоски си поднесе оставка!


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Продолжуваат превирањата во најголемата опозициска партија пред конгресот кој викендов треба да се одржи во Валандово. Откако вчера, голем број видни членови испратија писмо до јавноста во кое се наведуваат проблемите во партијата пред изборот на нов лидер, денеска двајца од кандидатите за лидер наведоа дека се откажуваат од трката.

Илија Димовски, долгогодишниот координатор на пратеничката група и еден од најистакнатите млади вмровци најави дека нема да се кандидира за лидер на партијата, а истото го обзнани и веројатно најпосакуваното решение на меѓународната заедница, поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски.

– Не планирам да поднесам кандидатура, дури и да се одложи конгресот, затоа што мојот став не е базиран на персонални прашања. Мојот став е базиран на концептуални прашања. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ мора да смогне сили да покаже поголема зрелост од СДСМ. Мора да покаже концепт којшто ќе значи широка транспаретност, голема демократија, отвореност – изјави Димовски.

Тој се пожали дека Груевски не им ги слушал сугестиите: „Многупати досега дававме сугестии и забелешки, но во изминативе две недели нашите барања не беа соодветно третирани“.

Според Антонио Милошоски, кој е еден од потписниците на отвореното писмо, на партијата и е потребен кредибилен конгрес за легитимен избор на претседател. – Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ без разлика кој и да биде, не треба да ја има хипотеката на претседател марионета. Затоа сметаме дека сите можни недостатоци и сомненија треба да се отстранат пред да се одржи конгрес на кој поширокото членство би дало еден суверен избор, изјави Милошоски пред седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Засега неофицијално, но еден од најзвучните имиња за лидер на партијата, поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски, не само што се откажал од трката за лидер, туку и си поднесол оставка од сите партиски функции и наводно ќе се посвети на професионалната кариера.

Инаку, превирањата во партијата започнаа откако голем дел од истакнатите членови објавија дека бараат одложување на конгресот затоа што еден кандидат се форсирал, а неофицијално станува збор за Христијан Мицковски, генералниот секретар на партијата.

Фото: Макфакс