Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Од 6 часот утрово приватните превозници со 200 автобуси ја блокираат десната лента на улицата Илинденска и собранието на Град Скопје. МВР најави посебен сообраќаен режим во Скопје. Град Скопје апелира да се откажат од блокадите.
Министерството за внатрешни работи информира дека СВР Скопје денеска воведе посебен режим на сообраќајот на булеварот „Илинден“.
Посебен сообраќаен режим ќе има од крстосницата на „Илинден“ со булеварот „Св. Климент Охридски“ до крстосниците со булварот „8 Септември“ и околните улици.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите од полициските службеници.
Превозниците велат дека бројката на автобуси ќе биде многу поголема од понеделникот, кога беше блокирана крстосницата кај Мавровка. Овој протест беше еднодневен и заврши поради тридневната посета на германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер.
Блокадата може да продолжи и во текот на викендот, најавуваат превозниците, доколку не се слушнат нивните барања и не се постигне договор. Од понеделник можна ќе биде и целосна сообраќајна блокада на крстосницата кај „Мавровка“, „Црвен Крст“ и улицата „Илинденска“.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска и натаму не покажува интерес за некаков договор. Tите вчера соопштија дека го прекинуваат договорот со приватните превозници од „Слобода превоз“ поради неисполнување на обврски што произлегуваат од договорот. Од Градот апелираа до превозниците да ја ревидираат одлуката за блокада на Скопје, бидејќи, како што велат, со тоа нема да постигнат решение за проблемот.
„Апелираме до „Слобода Превоз“ да ја ревидираат одлуката за блокирање на главниот град, бидејќи на тој начин нема да постигнат разрешување на проблемот, напротив на овој начин проблемот се продлабочува. Скопјани не се должни да бидат колатерална штета, поради нерационалните барања на „Слобода Превоз“. Со уцени нема договор“, се вели во соопштението од Град Скопје.
Доколку оваа блокада нема исход, директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски најави дека в понеделник почнувајќи од 6 часот главниот град ќе биде целосно блокиран, односно приватните превозници ќе ги блокираат крстосниците кај ТЦ „Мавровка“ и кај Црвениот крст и на булеварот „Илинден“.
„Ова е најава од приватните превозници дека можеби уште повеќе ќе се засилат и радикализираат протестите. Нервозата расте, загрижени се, ги пратат изјавите и состојбата е многу напната, затоа апелираме до сите институции, дури и државните, да се вклучат како медијатори во решавање на овој проблем, со цел оваа ситуација да не ескалира“, апелираше Јовановски.
Исто така, од Градот најавија дека од следна недела ќе биде објавен јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите приватни превозници, со цел поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми.
Првата блокада на приватните превозници се одржа на 28 ноември на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, кога околу 30 автобуси на „Слобода превоз“ и „Мак-експрес“ беа паркирани на булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, со барање „да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа“.