Притвор за струшкиот професор кој со метален предмет нападна ученик во гимназијата „Ибраим Темо“


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Струшкиот суд го прифати предлогот на Обвинителството и одреди мерка притвор од осум дена за 57-годишниот професор по англиски јазик кој вчера со метален предмет нападна ученик во гимназијата „Ибраим Темо“, соопштуваат од струшкото Обвинителство.

Во соопштението се вели дека постапката против професорот е поведена дека постои основано сомнение дека сторил кривично дело „насилство“, откако вчера околу 12 часот и 30 минути со боксирач го удрил 18-годишниот ученик во пределот на главата. Физичкиот напад следувал по кратка расправија меѓу професорот и ученикот.

Средношколците од гимназијата денеска ја бојкотираа наставата и протестираа пред Основниот суд во Струга, како што наведоа, за случајот да не се повтори, а професорот да добие мерка притвор.

„Ние не сакаме да одиме со страв во школо, родителите нема да не пуштаат. Ако професорот е на слобода, ние нема да сме безбедни“, изјави Сара Кадриоска, ученичка во „Ибраим Темо“.

Полицијата вчера го приведе професорот Е.С., како што соопшти, поради сомнение за кривично дело „насилство“, а кривичната пријава беше поднесена во Основното јавно обвинителство во Струга.

Откако професорот со металниот предмет го удрил средношколецот во главата, тој бил примен на одделението за хирургија.

Директорката на средното училиште „Ибраим Темо“ Бесиме Јонузи по настанот изјави се работело за проблематичен професор, против кој неколку пати биле поведувани дисциплински постапки и бил пријавуван во надлежните институции.