Приходи и расходи – партиите и парите во десет дена изборна кампања

Партиите, во десетте дена изборна кампања, не прикажале трошоци за транспорт, комунални и комуникциски услуги, покажуваат анализите на Транспаренси Интернешнл.

ВМРО-ДПМНЕ покажала шест пати поголеми расходи во однос на приходи, додека кај СДСМ приходите се исти колку и расходите, утврдила Траспаренси Интернешнл – Македонија во анализата на финансиските извештаи што партиите ги доставија за првите 10 дена од изборната кампања.

Претседателката на Транспаренси интернешнл, Слаѓана Тасева рече дека интересно е тоа што партиите прикажуваат многу мали трошоци за рекламирање на интернет порталите, додека пак реално на овие медиуми е присутна агресивна политичка пропаганда.

Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ нема прикажано никакви расходи за комунални услуги и греење на просторот каде се сместени париските изборни штабовите, како и никакви расходи за комуникациски услуги иако според информациите на Траспаренси Интернешнл на партиските членови им биле делени припејт картички. Ниту една партија не прикажала донации во некакви услуги или материјали.

Во ДУИ најмногу донирале компании, додека во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ нивните членови.

Кај СДСМ и ДУИ се префрлале пари од партиската на изборна сметка, додека кај другите партии тоа не е случај, иако според законската регулатива пари за избори не смее да се трошат од партиската, туку само од изборната сметка.

Комунални расходи не прикажале покрај Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, ДПА, Левица, Беса, ПДП и Коалицијата за Македонија. Комуникациски услуги пак, покрај ВМРО-ДПМНЕ не прикажале ниту ДУИ, Коалицијата за ВМРО, Коалиција на Албанците, ПДП, ЛП и ДПА.

ДУИ, ПДП, ЛП, Левица и Коалицијата за Македонија немаат прикажано расходи за изнајмување на простор и опрема.

Коалицијата на СДСМ, Коалицијата ВМРО за Македонија, Коалицијата за промени и правда, Коалицијата на Албанците, ПДП, ДПА и ЛП не прикажуваат расходи за превоз и транспортни услуги.

Трошоците за реклами се многу високи, некои прикажале помалку отколку што реално трошеле, додека други повеќе.

ВМРО-ДПМНЕ 22.792.000 денари потрошиле за пропагантни материјали, потоа за митинзи, ТВ реклами 13.050.000 денари, и за билборди 1.750.000 денари. Или вкупно 55.558.600 според податоците на Траспаренси Интернешнл – Македонија.

СДСМ најмногу потрошиле за печатење на материјали 21.650.000 денари, потоа ТВ реклами 16.262.400 денари и 10.040.000 за закуп на простор или вкупно 58.817.400 денари првите 10 дена од кампањата.

ДУИ најмногу трошеа за реклами, 8.544.000 денари, а немаат никаков трошок за пропаганден материјал.

Меѓу партиите кои повеќе трошат е и Беса, која за реклами потрошила 2.730.000 денари.
Оваа партија како што објасни Тасева, реално потрошила околу милион денари помалку отколку што прикажале во извештајот испратен до Државната изборна комисија.

Транспаренси интернешнал утврдила и дека иако реално партиски членови престојуваат по хотели за време на кампањата, овие трошоци никаде не се прикажани.

ВМРО-ДМНЕ во извештајот до ДИК прикажале приходи од донации 7.431.579 денари, а потрошени 43.961.384 денари што е шест пати имаат повеќе расходи од приходи, додека од нашиот извештај се гледа дека таа разлика е уште поголема, рече Тасева.

Овие се првични и нецелосни информации што се однесуваат на првиот период од кампањата, а за да може да се каже дали имало злоупотреби ќе треба да се почека целосниот извештај.