Претседателот Пендаровски најави дека нема да го потпише изборниот законик


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Македонскиот претседател Стево Пендаровски, најави дека нема да го потпише Изборниот законик ако во Собранието помине предлогот на текстот кој предвидува за кандидирање на независна листа да се потрбени задолжители 2 отсо од потписите на вкупниот број гласачи во една општина, пренесува Гласот на Америка.

Според шефот на државата, со овие измени се оневозможува влез на други субјекти на политичката сцена.

„Нема логика бидејќи за кандидирање на претседател на државата се потребни 10 000 потписи, а толку да треба и за кандидирање советници во Град Скопје”, рече Пендаровски на денешниот брифинг со новинарите во „Вила Водно“.

Пендаровски повтори дека има препорака на ОБСЕ за воведување на праг за кандидирање на независни листи и тој праг да биде до еден отсто од вкупниот број гласачи во една општина.

За Пендаровски е спорно што се носи непосредно пред распишување на избори и спротивно на препораките на ОБСЕ но додава дека доколку има политички консензус сепак ќе го потпише.

„Ќе го потпишам, ако сите се согласат. Препораката на ОБСЕ да не се носи пред избори е за да не се злоупотребува законот, но ако сите се согласни, јас не би имал аргумент да не ставам потпис бидејќи има општа согасност“, рече Пендаровски.

Измените во Изборниот законик пред избори се непотребни, тоа го загрозува легитимитетот на изборниот процес и можноста од корупција, сметаат од „Транспаренси Интернешнл Македонија“.

„Ќе ја зајакне постоечката пракса на контрола на собирањето потписи преку контрола во листите за независни кандидати. Ќе го продлабочи застрашувањето над граѓаните кои ќе се осмелат да излезат и да се потпишат за одреден независен кандидат засновано на страв од последица ако се поддржи некој друг. Сево ова води до продлабочување на заробеноста на државата и зајакнување на моќта и контролата од институциите, кои наместо сервис стануваат механизам за контрола и застрашување. Наместо ова, власта и сите политички партии треба да се заложат за отвореност на изборниот процес и да обезбедат поголема слобода во натпреварот за политичките функции за институциите“, стои во соопшптението од Транспаренси.

Политичка корупција е оценката на Државната комисија за спречување на корупција за начинот на кој се носат измените во изборниот законик. Комисијата има забелешки и на тоа што законот е ставен во собраниска процедура по скратена постапка, што е спротивно на Националната стратегија за спречување корупција.

„Предложените измени ќе овозможат зголемено влијание на политичките партии врз советниците при носење на одлуки во интерес на партиски цели, со истовремено намалување или анулирање на учеството и влијанието на поединци и граѓанските здруженија во општинските совети при носење на одлуки кои директно се однесуваат на квалитетот на животот на граѓаните во една општина. Во конкретниот случај се работи за системски закон па начинот на кој се настојува да се извршат измените, ДКСК го оценува како суштинско нарушување на владеење на правото, наспроти декларативната заложба на политичките партии за негово унапредување“, е ставот на Антикорупциска.

Измените на Изборниот законик во моментов се на Собраниска комисија и се блокирани со над 700 амандмани поденсени главно од партијата „Левица“. Партиски координациии околу измените официјално во Собранието нема и засега не е закажана седница на која тие евентуално би биле изгласани.