Home Актуелно Пратениците ги собраа потребните потписи за свикување на Собранието

Пратениците ги собраа потребните потписи за свикување на Собранието

Претставниците во собранискиот дом од повеќе политички партии се потпишаа на иницијативата за повторно свикување на Собранието, пренесува Телма.

На списокот има и пратеници од опозициските ДПА, Алијанса за Албанците и БЕСА. Потписите утре ќе бидат доставени до собранискиот претседател кој треба да одлучи дали привремено ќе ги врати во пратеничките клупи веќе распуштените пратеници.

Иницијативата содржи две точки на дневен ред. Првата е за свикување на седница за потврдување на одлуката на претседателот Стево Пендаровски за продолжување на вонредната состојба, а втората е за ставање на Собранието во функција по потреба.

Се повикуваат на член 63 став 4 од Уставот, каде стои дека, „мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба“.Предлагаат седницата да биде согласно препораките на здравствените власти за држење на дистанца, односно електронски или во сали каде што може да се обезбеди растојание од два метри меѓу пратениците. И од Институтот за демократија сметаат дека има законска основа за свикување на Собранието.

Од Институтот потенцираат и дека, Собранието мора да се свика и за да врши контрола над извршната власт, која во услови на вонредна состојба има законски надлежности.

Претседателот на Собранието, досега во неколку наврати изјави дека не постои можност да го свика Собранието кое се самораспуштило. Тврди дека, пратениците не може да се вратат во собраниските клупи, зашто го вратија мандатот, а дека тој самиот е претседател во заминување и со ограничени, административни надлежности. Од неговиот кабинет велат дека се чекаат потписите од пратениците, по што ќе излезат со официјален став. Потписите се собираа по повикот на претседателот Стево Пендаровски, кој минатата недела презеде одговорност и, при уставни недоречености, донесе нова одлука за нова вонредна ситуација во период од 30 дена. Неговата одлука веднаш беше оспорена пред Уставниот суд, а тој го повика Собранието да си преземе одговорност.

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Актуелно
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…