Повторно застој на пописот – попишувачите денес не излегоа на терен


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Попишувачките тимови денес, четврток, 9. септември, повторно не излегоа на терен за да продолжат со процесот на попишување на населението и домовите, пренесува Плус Инфо.

Првиот човек на Државниот завод за статистика, директорот Апостол Симовски, на прашање од Плус Инфо за застојот, кратко одговорил: „Не можам ништо да ви кажам. Ве молам да не ме прашувате ништо во врска со пописот. Во моментов сум на состанок и наскоро ќе добиете соопштение од Владата“.

Кои се причините за прекинот на пописот на населението и дали тоа значи дефинитивен прекин на целата теренска операција не е познато. Постојат и информации дека пописот ќе продолжи само електронски, од канцеларии, со користење на базите на податоци за граѓаните, домаќинствата и имотот, кои ги имаат повеќе државни институции во дигитална форма.

Некои информации велат дека бил и голем бројот на граѓани кои одбивале да соработуваат со попишувачите, што претставува закана за успешност на теренската активност.

Статистичката операција успешно течеше сè до вториот ден кога попишувачите мораа да ги исклучат компјутерите поради технички проблеми со апликацијата. Симовски тогаш рече дека се работи за глобален проблем со интернетот, а потоа истакна дека апликацијата има „багови“ и дека се работи на нивно отстранување.

Пописот е предвидено да заврши на 30 септември, а досега се попишани околу 190.000 граѓани.