Потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили, вмешана во скандал со корупција – некои медиуми тврдат дека е уапсена


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Грчката политичарка Ева Каили, потпретседателка на Европскиот парламент и европратеничка од грчката ПАСОК-Движење на промена, е вмешана во скандалот со корупција и е под истрага на белгиските власти, јави дописничката на МИА од Атина.

Каили со одлуката на партискиот лидер беше исклучена и од партијата.

„По последните случувања и истрагата на белгиските власти за корупција на европски функционери, европратеничката Ева Каили со одлука на претседателот на ПАСОК-Движење на промена Никос Андрулакис е исклучена од партијата“, соопштија од партијата.

Во дел од европските медиуми, вечерва се појави информација дека Каили е уапсена, меѓутоа не постои официјална потврда, додека пак грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на свои информации објави дека таа е под истрага на белгиската федерална полиција „за вмешаност во случајот со корупцискиот скандал во Европскиот парламент од арапска земја, поконкретно од Катар“.

Според истите информации, од Каили биле побарани објаснувања, а според медиумите во Белгија најверојатно е приведен нејзиниот сопруг Франческо Џорџи.

Во рамки на овој случај, белгиското обвинителство соопшти дека денеска наутро била спроведена акција, приведени се четири лица, а извршени се претреси во 16 домови во и околу Брисел. Станува збор за истрага за корупција.

Белгиската полиција, како што објавивме, денеска наутро привела четири лица и извршила претреси во 16 домови во и околу Брисел, како дел од истрага за корупција односно лобирање од земја од Персискиот залив во Европскиот парламент. Во соопштението од белгиските органи на прогонот не се наведува конкретната земја за која се лобирало, но повеќе медиуми објавија дека станува збор за Катар.