Филм / ТВ

После повеќе од 20 години стигнува продолжението на култниот Trainspotting

Веројатно не постои лице повозрасно од 20 години кое не го изгледало, или барем не чуло за култното филмско ремек дело Trainspotting на оскаровецот Дени Бојл од 1996 година, кое, освен што веќе цели дваесет години се смета за култно филмско остваруваењ, во орбитата на филмските ѕвезди преку ноќ ги лансираше како режисерот, така и актерската екипа предводена од Јуан МекГрегор.

Снимен според истоимениот роман од Ирвин Велш, филмот Trainspotting со години се наоѓа на разни листи со најдобри/најомилени филмови на сите времиња, вклучително и на десетто место на листата со најдобри британски филмови на официјалната листа од Британскиот филмски институт.

После нешто повеќе од две децении, сега е снимено и продолжение на овој култен филм, едноставно насловено како T2 Trainspotting, кое шкотско-британската премиера ја имаше минатиот месец.

Помеѓу оригиналот и првото продолжение многу нешта се сменија, но и многу нешта останаа исти. Марк Рентон се враќа на единственото место кое може да го нарече дома. Сите го чекаат: Спад, Сик Бој и Бегби. И другите стари пријатели исто така: тагата, загубата, радоста, одмаздата, омразата, пријателството, љубовта, копнежот, стравот, каењето, авто-деструкцијата и смртната опасност. Сите се собраа за да му посакаат добредојде. По втор пат.

После дваесет години, истата филмска екипа од оригиналот се собра повторно за да ја продолжи приказната за откачената дружина. Бојл во меѓувреме го достигна филмскиот врв на популарноста, освојувајќи го престижниот Оскар за Slumdog Millionaire. Заедно со МекГрегор, тука се Роберт Карлајл, Џони Ли Милер, Јуан Бремнер и Кели Мекдоналд.

T2 Trainspotting е снимен според романот Porno од Ирвин Велш, од 2002 година, кој, како и самиот филм, ги продолжува настаните од првата приказна. Дени Бојл уште во 2009 година изрази желба за снимање на продолжение според споменатиот роман, а најентузијастичен за целата идеја беше Роберт Карлајл кој во едно интервју изјави дека би снимал продолжение на Trainspotting „уште утре и бесплатно“.

To Top