После Facebook, и Google најави забрана за рекламирање на криптовалути


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Компанијата која е гигант во дигиталниот маркетинг, се придружува на Facebook во забраната за рекламирање на криптовалутите на чело со биткоинот.

Google, која обезбедува најголем дел од дигиталниот маркетинг на интернет, соопшти дека планира од јуни да ја менува својата политика за рекламирање за одредени финансиски услуги, помеѓу нив и за криптовалутите. Новите ограничувања ќе важат и за сите платформи во сопственост на Google, како YouTube, како и за интернет-страници каде Google продава рекламен простор, пренесува New York Times.

Одлуката на интернет-гигантот доаѓа откако Facebook во јануари соопшти дека ќе ги забрани сите реклами за биткоин и другите криптовалути со намера да ги спречи измамите и лажните промоции. Заедно, Google и Facebook претставуваат огромно мнозинство од приходите од рекламирањето на интернет.

Краткото соопштение на страницата за политиките на рекламирање на Google не открива зошто конкретно компанијата планира да се оттргне од ваквите реклами. Во текстот стои дека забраната ќе се однесува и на содржини поврзани со криптовалутите, како „првичните аукции за криптовалути, трансферите, крипто-паричниците и совети за трговија со криптовалути“.

Огромниот интерес околу биткоините и другите криптовалути предизвика загриженост за измами кои користат онлајн-рекламирањето за пронаоѓање на потенцијални жртви привлечени од растот на цените на поголемиот дел од виртуелните валути. Рекламирањето за новите криптовалути експлодираше минатата година кога дојде до голем раст на нивната вредност.

Дел од тие активности предизвикаа сомнежи од регулаторите. Многу стартап компании издаваа сопствени криптовалути на таканаречени „првични аукции на валутата“, кои станаа популарен начин за прибирање пари за финансирање на нови софтверски проекти. Интернет-рекламирањето беше најдобар начин за презентирање на новите валути до нови потрошувачи.

Последните месеци, американските регулаторни тела јасно ставија до знаење дека голем дел од овие аукции се најверојатно нелегални, со што паднаа цените на големиот дел од виртуелните криптовалути.

Рестрикциите на рекламирањето криптовалутите се слични на оние кои Google ги има за рекламирањето фалсификувани предмети или сексуално експлицитни содржини.