Поскапе и членарината во НАТО – отсега 2 отсто од БДП е минимумот што треба да го издвои секоја членка


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


„Очекувам сите сојузници кои не достигнале два отсто издвојувања за одбраната тоа да го направат што побрзо“, порача генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за Шпигл.

„Во иднина, два отсто повеќе нема да биде целта, туку апсолутниот минимум кој сите треба да го постигнат – не за десет години, туку што е можно побрзо“, кажа Столтенберг.

Одговарајќи на прашањето дека минатата година само седум од 30 членки на НАТО (новопримената Финска не е вклучена во таа бројка) издвоиле два отсто од БДП за одбраната, процент договорен уште во 2014, Столтенберг кажа дека трошењата на членките почнале да растат, но не онолку со колку тој би бил задоволен.

„Два отсто не е договорено случајно. Сите сојузници се договорија околу одредени капацитети и способности кои се сметаат за апсолутно неопходни. Тие се однесуваат на артилеријата, тенковите, муницијата, логистиката, авионите, бродовите, подморниците, комуникациите, сè што е потребно за одбрана на нашите членки. Имајќи го тоа предвид, два отсто е долната граница на она што ни е потребно“, кажа Столтенберг.

Зборувајќи за Украина, тој истакна дека членките на НАТО ја поддржуваат таа земја на ниво без преседан испраќајќи тенкови, борбени возила, модерна артилерија, напредни ПВО системи. Ја издвои Германија за која кажа дека има клучна улога во тоа што на Киев му се испратени тенкови „леопард“, ПВО системи „ирис-Т“ и „патриот“, додека НАТО партнерите обучиле и опремиле девет украински бригади во последните два месеци.

„Полска и Словачка испратија борбени авиони, советски „мигови 29“. Постојано разгледуваме дали се неопходни и модерни западни борбени авиони. Очекувам за тоа да се разговара на самитот во јуни. Но важна е испораката на муниција и резервни делови“, истакна Столтенберг.

Тој оцени дека руските војници имаат низок морал, дека се лошо обучени и опремени, дека имаат лоша логистика и лидери, како и дека квалитетот го надоместуваат со квантитет, додавајќи дека изгубиле многу луѓе и опрема во Украина, но дека воздухопловните и поморските сили им се нечепнати.

Зборувајќи за долго најавуваната пролетна офанзива на Украинците, кажа дека Киев треба да одлучи кога и каде ќе ја почне, фалејќи ја украинската војска која, според него, „докажа дека е способна да ослободи окупирани територии“.

Што ќе се случи на самитот на НАТО во јули околу прашањето на членството на Киев во западниот воен пакт, Столтенберг кажа дека тоа не може да го предвиди.

„Едно нешто е јасно: сите НАТО држави се сложуваат дека Украина треба да стане членка на НАТО. Но најважната задача сега е да му се помогне на КИев во воениот конфликт“, наведе Столтенберг.