Home Спорт Пораз на македонските ракометари: Исланд подобар на домашен терен

Пораз на македонските ракометари: Исланд подобар на домашен терен

Исланд ја совлада Македонија со 30:29 (16:16) во четвртото квалификациско коло за пласман на Европското ракометно првенство во Хрватска во 2018 година и од дното го презеде врвот на табелата во групата 4.

Реваншот во Рејкјавик имаше сличности што на крајот беа во прилог на домашната селекција. Македонија и во „Лаугардалсхол“ почна одлично како и во СЦ „Борис Трајковски“. Кон средината на првиот дел имаше водство со три гола во два наврата (9:6 и 10:7) и игра што ветуваше прекинување на непријатната традиција од пет порази во исто толку гостувања досега на далечниот континентален север. Но, се случи и шестиот.

Исланѓаните наметнаа свој ритам, постојано имаа предност што на моменти во продолжението изнесуваше и четири гола разлика. Македонија, сепак, не загуби глава и постојано му дишеше во врат на противникот и успеа да го внесе мечот во неизвесен финиш. Меѓутоа не и да го сврти резултатот, а ривалот умешно ја сочува гол предноста за која ја „грицкаше“ последната минута од мечот.

Најефикасен на натпреварот беше Кире Лазаров со осум гола, Манаков додаде 7  колку и Гудмундсон за Исланд, репрезентација во која се истакна и Карасон со шест реализации.

Сите четири селекции во групата 4 сега имаат по две победи и два пораза пред последните две. „Црвено-жолтите“ во претпоседното  коло, на 14 јуни, ги очекува уште едно гостување во Украина пред средбата со Чешка четири дена подоцна во Скопје.

Исланд – Македонија 30:29 (16:16)

Сала: „Лаугардалсхол“ во Рејкјавик. Гледачи: 1.750. Судии: Зигмарс Сондорс и Ренарс Лицис (двајцата од Летонија).

Исланд: Густавсон 2, Нилсен, Кристјансон, Палмарсон 3, Карасон 6, Халгримсон 2, Атласон, Сигурдсон 3, Гудмундсон 7, А. Гунарсон 3, Арнарсон 3, Елисон 1, Б. Гунарсон, Сигурбјерсон, Магнусон, Смарасон. Селектор: Геир Свеинсон.

Седмерци: 1/3. Исклучувања: 8 минути.

Македонија: Митревски, Ристовски 1, Манасков 7, Стоилов 3, К. Лазаров 8, Митков, Талески, Миркуловски 6, В. Маркоски, Н. Маркоски, Георгиевски 1, Ф. Лазаров 3, Ојлески, Кузмановски, Нелоски, Пешевски. Селектор: Раул Гонзалез.

Седмерци: 1/1. Исклучувања: 10 минути.

 

Квалификации за ЕП 2018 – Група 4

Резултати, 4. коло

Исланд – Македонија 30:29

Чешка – Украина 32:25

Табела: Исланд 4, Македонија 4, Чешка 4, Украина 4.

Идно коло: Чешка – Исланд (14 јуни), Украина – Македонија (15 јуни)

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Спорт
Comments are closed.

Check Also

Прва светска титула во кошарка за Германија

Германската кошаркарска репрезентација на сензационален начин стигна до својата прва титул…