Home Живот и здравје Поправка, препродажба и донирање облека: како функционира „Зара Пре-оунд“

Поправка, препродажба и донирање облека: како функционира „Зара Пре-оунд“

„Зара Пре-оунд“ деновиве привлекува внимание на социјалните мрежи како обид на модниот бренд да поттикне подолго користење на облеката. Платформата обединува три услуги: поправка, купување и продавање половни парчиња и донирање облека.

Иако беше пуштена во употреба уште во 2022 година, услугата тогаш не заживеа според очекувањата. Сега повторно добива поголема видливост, со надеж дека ќе привлече повеќе внимание.

Покрај купопродажбата на облека од претходните колекции на „Зара“, корисниците можат да побараат поправка на своите парчиња или да ја донираат облеката што повеќе не ја носат. Идејата е таа повторно да се употребува, наместо да заврши како отпад.

Кои услуги ги нуди платформата?

Услугата за поправка, означена како Repair, опфаќа облека на „Зара“ од која било колекција и сезона. Може да се побара замена на копчиња и патенти, поправка на шевови и други кројачки зафати. На пазарите каде што е достапна, барањето се поднесува преку интернет или во избрани продавници на брендот.

Делот Resale / Second hand им овозможува на корисниците да продаваат свои парчиња од „Зара“ и да купуваат половна облека од други корисници. Огласите содржат основни податоци за оригиналниот производ и фотографии што ги поставува продавачот. Понудата не е ограничена на тековните колекции, туку вклучува модели од различни сезони.

Преку Donate може да се донираат облека, обувки и модни додатоци, не само од „Зара“, туку и од други брендови. Собраните предмети им се предаваат на локални организации, кои ги сортираат и ги насочуваат кон повторна употреба или рециклирање.

Подолга употреба на облеката, но не и решение за сите проблеми

„Зара Пре-оунд“ покажува и промена во начинот на кој големите модни брендови го одржуваат односот со потрошувачите. Наместо да нуди само нова облека, „Зара“ се обидува да ги задржи корисниците во својот систем и откако ќе престанат да носат одредено парче — преку поправка, препродажба или донирање.

Сепак, ваквите иницијативи за повторна употреба не треба да се поистоветуваат со тврдењето дека целиот деловен модел на брендот е одржлив. Платформата може да го продолжи користењето на поединечни парчиња, но сама по себе не ги решава пошироките проблеми со масовното производство и потрошувачката на облека.

Каде е достапна „Зара Пре-оунд“?

Според годишниот извештај на „Индитекс“ за 2025 година, платформата е достапна на 17 пазари. Меѓу нив се Шпанија, Германија, Франција, Италија, Португалија, Хрватска, Словенија, Велика Британија и САД. Србија засега не се наоѓа на официјално објавениот список на пазари каде што може да се користи услугата.

Што треба да знаат корисниците?

Купувањето и продавањето се ограничени исклучиво на половни парчиња од „Зара“, без оглед на сезоната од која потекнуваат. Тоа значи дека на платформата може да се појават и модели што веќе ги нема во редовната продажба.

За да објави оглас, корисникот го фотографира парчето што сака да го продаде. Платформата ги поврзува фотографиите со оригиналните информации од каталогот на „Зара“, па заинтересираните купувачи можат да го видат и првичниот опис на производот.

Ниту поправките не се ограничени на тековните колекции: се прифаќаат користени парчиња од која било сезона. За донирање, пак, се прифаќаат и производи од други брендови.


Извор: Lepota i Zdravlje

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Живот и здравје
Comments are closed.

Check Also

Патики и за дождливите денови: удобност и стил без да брзате со чизмите

Пониските температури не значат дека веднаш мора да ги замениме омилените патики со чизми.…