
Конан О’Брајан има посебна причина зошто сака да добие улога во божиќен филм на „Холмарк“: следниот филм ќе се снима во родниот град на неговиот асистент.
Во неодамнешна епизода од својот подкаст „На Конан О’Брајан му треба пријател“, 63-годишниот комичар и водител разговараше со асистентот Дејвид Хопинг за конкурс што го организираше „Холмарк“.
Дејвид откри дека неговиот роден Карлинвил, во сојузната држава Илиноис, победил на изборот за официјален божиќен град на „Холмарк“. Со тоа градот добил можност да биде локација за снимање божиќен филм на каналот, кој треба да се емитува во празничната сезона во 2027 година.
Штом го слушнал тоа, Конан веднаш изјавил дека сака и тој и Дејвид да се појават во филмот, макар и само во заднина.
Комичарот на шега предложил да игра човек што пече костени, а Дејвид да биде неговиот „простодушен помошник“. Продолжил да се шегува дека тој би ја имал „алфа-улогата“, додека на Дејвид би му припаднала „помалку важната улога“.
Потоа замислата се развила во друга насока: Конан да биде градоначалникот, а Дејвид неговиот помошник задолжен за пишување говори.
„Нема да се играм себеси. Јас сум вистински актер и сакам да го играм градоначалникот Биф Бифли“, продолжил Конан.

Снимката од разговорот била објавена на официјалниот инстаграм-профил на „Тим Коко“, со означен профил на „Холмарк“, од каде што пристигнал и одговор.
„Сметај го ова за твоја официјална аудиција, Конан“, напишале од каналот, додавајќи емотикони со елка и филмска клапа.
На можноста Конан да се појави во филмот со воодушевување реагирале и неколку актери познати по продукциите на „Холмарк“.
„Направете го ова да се случи!“, напишал Бенџамин Ејрс.
„Кажи ми дека ти се јавиле!!!!“, коментирала Кимберли Сустад.
„Ве молам, кажете ми дека ова навистина ќе се случи!!!“, додала Рејчел Бостон.
Извор: Just Jared