„Полихимниа“ и сопран Ана Митоска: Luci et umbrae – концертна музичка метафора за дуалноста помеѓу светлината на зората и темнината на ноќта


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На 19 мај, во НУЦК „Антон Панов“ – Струмица, со почеток од 19 часот, ќе се одржи концерт на квартет „Полихимниа“ и Ана Митоска – сопран, со наслов: „Luci et umbrae“ (Светлости и сенки).

Концертот „Luci et umbrae“ (Светлости и сенки) – метафора за дуалноста помеѓу светлината на зората и темнината на ноќта, е синтеза на дела од различни стилови и периоди, кои имаат различна тонска боја и во нив се претставени различни емоции и теми кои го опфаќаат целиот спектар на човековата душа.

Во некои од делата доминираат весели и оптимистични ноти, како на пример: Алегрото од Вивалдиевиот „Концерт во D-дур“, аријата „Bel Piacere“ на Хендл, сретнуваме мелодии светли и чисти како првите зраци на утрото (“Тhe Morning Lark”), додека други композиции, носејќи нé кон поголеми длабочини, се приклонуваат кон темното.

Во нив поминуваме низ огнениот интензитет на лутината , стравот и тагата, за преку каењето да стигнеме до радоста и егзалтацијата: “In furore iustissimae irae” на Вивалди, Прелудиумот од “Five pieces” на Шостакович.

Грациозноста на „Камерната соната“ на Корели пак, на многу посуптилен начин, до најфини нијанси ја доловува играта на светлината и сенките.

Концептот на “Luci et umbrae” e славење на убавината и комплексноста на емоциите во човековото срце, нивната дуалност и непрекинато бранување, што создава игра на светлини и сенки.

Квартет Полихимниа го започнува своето делување во 2017година, идеја која се вродува по реализација на еден интересен проект “Професорите и учениците камерно музицираат“, ова воедно е и почеток на концертната дејност на Квартетот.

Во Квартет „Полихимниа“ настапуваат Николина Е. Тодоровска-флејта, Риана Рамиз-виолина, Маре Видевска-виолончело и Верица Шотаровска-пијано, професори во УОМУ “Панче Пешев“-Куманово и ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј“- Скопје. Тие се активни изедувачи, професори со богата биографија и бројни успеси, имаат освоено многубројни награди со своите ученици и се дел од жири комисии за категорија соло флејта, виолина, виолончело, пијано и камерна музика на државните и меѓународните натпревари.

Квартет Полихимниа брои неколку настапи од своето формирање, настапува на концерти со своите ученици, гостува со ученици на концерти во УОМО „Панче Пешев“ – Куманово, настапува на Зимскиот музички камп 2018г. во Крушево во Домот на Културата, концертно настапува во КИЦ Салон 19,19 април 2018г., на Меѓународниот Фестивал Полихимниа во 2017г. во Даут пашин амам, реализира концерт „Летни звуци“; на Манифестацијата „Летни скопски акорди“; на плоштад Мајка Тереза во Скопје и концерт на манифестацијата „Карпошово лето“ 2017г во Т.Ц.Лептокарија.

Во 2018г.и 2019г. настапуваат на манифестацијата „Нов културен бран“ од Министерство за култура со два целовечерни концерти во Скопје и Лешок во преполните сали на Даут пашин амам и Дом на културата Кирил Пејчиновиќ-Тетоец. Во 2019г, поддржани од Министерството за култура, ќе ги реализираат концертите во Велес, Прилеп, Неготино, Охрид, а истата година ќе настапат на меѓународна сцена со Божиќен концерт во Сала Балдини, Рим.

Квартет Полихимниа со своите колеги редовно настапува на училишни концерти, тие се трудат секогаш програмата која ја изведуваат да е различна, да ги вклучуваат своите ученици и да ги афирмираат. Заедно работат на формирање на програмот за концертите, ги обработуваат избраните дела и аранжираат за соодветниот камерен состав. Програмата која ја интерпретираат ја прикажува нивната виртуозност и музикалност, преку неа сакаат да се приближат до публиката, да ги пренесат своите емоции и да ја задржат возбудата на публиката до последната нота од партитурата.

Ана Митоска е сопран, чиј репертоар се базира врз старите стилови на пеење и почетоците на белкантото, со повеќегодишна концертна дејност и ангажмани како солист во театарска, филмска музика и изведба на византиски напеви.

Митоска дипломира соло пеење на ФМУ – Скопје, во класата на проф. Славица Галиќ – Петровска. Бележи настапи во Македонија, Италија, Бугарија и Хрватска. Учесник е на повеќе мастеркласеви за пејачи низ Европа. Како вокален солист има остварено соработки со повеќе еминентни македонски и европски музичари и ансамбли.

Работела повеќе од една деценија во Македонска опера и балет, настапувајќи на манифестации како Мајски оперски вечери, Охридско и Скопско лето, како и во редовниот репертоар на Операта.

Нејзиниот репертоар се базира врз раната класична музика и почетоците на белканто стилот, музиката на барокот, ренесансата, старите стилови на пеење како средновековна западноевропска литургиска музика, музика на трубадурите, источно црковни напеви, музика од светот, како и ангажмани како солист во театарска и филмска музика. Носител е на неколку проекти меѓу кои еден целовечерен перформанс („Сонувања за заборавеното“), концерти во Рим, Скопје, Прилеп и Струмица, студиски снимениот концерт со источноцрковни напеви: „Песнопенија за Страдањата Христови“.

Ангажирана била како музички соработник во театарската претстава „Каменот“ во режија на Кристина Димитрова. Солист е во претставите „Глембаеви“ на НТ Војдан Чернодрински – Прилеп, македонско –хрватската копродукција “Glembajevi, još jedna Legenda” во режија на Б. Брезовац, со која гостува во Загреб во 2019 година и „Декамерон“ на М. Кочовски во 2022г. Учествува како пијанист и вокал во претставата „Дупло Дно“ во режија на Н. Поплавска.

Својата соработка со Квартет „Полихимниа“ ја започнува во 2019 година, со концерти во Скопје и Прилеп.

Во јуни 2022 одржува заеднички концерт со Квартетот „Полихимниа“ во Музејот на македонската борба – Скопје, а истиот месец е концертен гостин на концертот “Oперска ноќ“ на проф. Славица Петровска – Галиќ. Во октомври 2022г. настапува на концерт „Мојот роден град“, посветен на творештвото на македонскиот композитор Властимир Николовски, кој е заедничка соработка на СОКОМ и НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.

Концертот ќе биде реализиран во организација на НУЦК Антон Панов од Струмица, а со поддршка на Министерството на култура на Македонија.

Еве ја целосната вечерна програма:

* А. Vivaldi – “In furore iustissimae irae” – Соло мотет за глас, жичани инструменти и континуо
– Allegro – In furore iustissimae irae
– Recitativo
– Largo – Tunc meus fletus
– Allegro – Alleluia
* A. Corelli –Sonata de camera
-Adagio
-Allemanda.Grave
-Adagio
-Giga
* A. Vivaldi- Концерт во D-dur
-Allegro
-Largo
-Allegro
* G.F. Handel – “The Morning Lark“ – Арија на Sеmele од истоимената опера “Semele”
* D.Schostakovich- Five pieces
Preludium, Gavotte. Elegy, Waltz, Polka
* G.F.Handel – “Bel Piacere” – Арија на Poppea од операта „Agrippina“