Почина првиот образован кексар во бивша Југославија – човекот кој ги создаде кексите „Домаќица“ и еден од креаторите на „Плазма“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Во Србија, на 88-годишна возраст почина Петар Тутавац, творецот на популарните бисквити „Домаќица“ и еден од креаторитена рецептот за бисквити „Плазма“.

Тутавац е роден во 1934 година во Подградина недалеку од Опузен (денешна општина Сливно), напиша минатата година „Слободна Далмација“, која тогаш ја објави животната приказна и разговор со Тутавац. На тринаесетгодишна возраст го завршил плетачкиот занает во Опузен и станал вешт плетач.

Потоа неколку години плетел корпи во кои се носел леб, но младиот Петар не се задоволувал со тоа. Во 1949 година преку синдикатот се пријавил на курс за кексари во Загреб, кој го распишала фабриката Краш, каде заедно со уште еден студент го научиле занаетот за бисквити.

Интересно е што тој бил првиот образован кексар во поранешна Југославија. Потоа отишол во војска, а по враќањето се вработил во „Краш“.

„Краш“ тогаш бил единствената кондиторска индустрија и сите останати што се појавија подоцна произлегоа од него, а Петар, покрај работата, го посетувал и високото училиште на „Краш“ за инженер кондитор во производство.

Она што е интересно е дека „Домаќица“ била негова дипломска работа и првенец во кондиторската индустрија. Овој бисквит подоцна доживеа различни варијации, но основата остана онака како што ја замисли Петар Тутавац во неговата дипломска работа уште во 1950-тите.

Врвот на кариерата на Петар Тутавац се случил во Пожаревац. Таму ја основал фабриката за бисквити „Бамби“, чиј заштитен знак е лик од цртан филм на Дизни.

Тутавац не патентирал ниту еден свој производ.

– Тоа беа некои други времиња, кога знаењето не се криеше туку се споделуваше. Сè што правев, сите мои рецепти и производи, беа направени под името „Бамби технологија“. Отсекогаш сум верувал дека сето тоа му припаѓа на народот, дека со тоа се зајакнува социјалната сила и угледот на нашата земја на домашниот и светскиот пазар. Тоа беа времиња кога важеа некои други правила и односи меѓу луѓето. Добро ми е и вака, јас сум среќен човек, изјави тој во последното интервју за „Слободна Далмација“.