Почина Глигорие Гоговски


Од втора лига, до спасител на Германија - 12 ден ↓↓↓



На 79-годишна возраст вчера во Тетово почина Глигорие Гоговски, една од најзначајните и најистакнатите македонски личности од стопанствениот, општествениот и политичкиот живот.

Роден е во Тетово во 1943 година. Во 1968 година дипломирал на Електро-машинскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Универзитетот во Загреб. Во периодот од 1986 до 1991 година ја вршеше функцијата претседател на последниот Извршен совет на СР Македонија. Во улога на претседател на преодната влада, тој ги подготви првите слободни и повеќепартиски избори.

Менаџерскиот капацитет, посветеноста, професионалноста, одговорноста и капацитетот за носењето на вистинските деловни одлуки на Гоговски беа од суштинско значење за успешното управување и предводење на „Тетекс”.

Визионерството во водењето на тековната и развојната економска стратегија на комбинатот „Тетекс” беше основниот двигател во сите процеси од основањето, најнапред, на Тетекс Банка АД Скопје, подоцна Тетекс – Кредитна банка АД Скопје, а потоа и ТТК Банка АД Скопје, а почнувајќи од амбицијата децениското егзистирање, традицијата и искуството да се обликуваат во нов, модерен начин на банкарство којшто ќе креира вредност и поддршка за граѓаните и домашните мали и средни бизниси. Како претседател на Надзорниот одбор на ТТК Банка АД Скопје беше активен учесник во креирањето на стратегиските цели на денешната ТТК Банка АД Скопје, којашто низ годините се покажа како стабилен, профитабилен и сигурен банкарски играч.

Ценетата лична и професионална експертиза на Гоговски ќе продолжи да опстојува како успешен пример за стопанската, финансиската и општествената фела.

Неговото долгогодишно успешно делување на пазарот ќе претставува инспирација, поттик и пример за креирање вредност. Идните генерации во него ќе гледаат пример од кој ќе учат и, надградувајќи се, уште многу години ќе продолжат по истата патека.

Глигорие Гоговски ќе биде погребен денеска во 13 часот на гробиштата во Тетово.