Топ 10 најголеми фудбалски дербија
По најавата за воведување нови санкции кон Белорусија од страна на западните земји, со реакција се огласи претседателот Александар Лукашенко.
„Ако извршите притисок со нови санкции – ќе ја заобиколувате Белорусија преку Северниот Пол или преку Средоземното Море“, порача Лукашенко, како одговор на европските санкции воведени поради спорните избори, насилното задушување на протестите и затворањето на политичките противници, пренесува весникот „Белорусија денес“.
Според него, санкциите немаат никаква врска со правниот систем.
„Примената на рестриктивните мерки, како инструмент за притисок врз суверена држава, е беззаконие и уцена на меѓународно ниво. Тоа е уцена која, да ве потсетам, е осудена во документите на ООН и другите меѓународни организации како неприфатлива мерка“, посочи Лукашенко.
Тој потсети дека пакетот санкции против Белорусија е воведен на денот на 80-годишнината од почетокот на Втората светска војна и го објасни потегот со зборовите: „Европа не се грижи за луѓето што најмногу страдаа од варварската и нехумана инвазија на европскиот фашизам“.
Како што рече, санкциите не се воведени само против Минск. Тие се воведени и против Руската Федерација, додаде тој, и оцени дека приказната со неодамнешното слетување на авионот во Минск е само формална причина за санкции.
По претседателските избори на 9 август 2020 година, на кои победи сегашниот претседател Александар Лукашенко, во Белорусија започнаа масовни протести на опозицијата.
Европската Унија, Соединетите Држави и Канада, исто така, не ги признаваат изборните резултати и воведоа санкции кон Белорусија, меѓу другото, и поради присилното слетување на авионот на „Рајанер“ во Минск и апсењето на опозициски новинар кој беше на тој лет.