Пендаровски од Прилеп, Силјановска од Охрид, Река од Скопје – започнува претседателската кампања


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Тројцата претседателски кандидати кои ќе се тркаат за функцијата претседател на Република Северна Македонија на претстојните претседателски избори, Гордана Силјановска Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река, денеска ја почнуваат кампањата за шестите претседателски избори.

Кампањата на Силјановска-Давкова, која е претседателски кандидадат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата почнува од Охрид, претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Пендаровски ќе го стартува своето претставување пред гласачите во Прилеп, а Река, претседателскиот кандидат на Алијанса на Албанците и движењето Беса од Скопје.

Кампањата за претседателски избори ќе трае до 19 април, по што следува 24-часовен изборен молк, пред денот на гласањето.

Според најавите од изборните штабови, кандидатите ќе ги посетат речиси сите населени места, ќе имат средби со граѓани и митинзи во поголемите градови. Ветуваат мирна и фер кампања.

На еден ден пред официјалниот старт на кампањата, кандидатите за нов шеф на државата во просториите на Државната изборна комисија потпишаа Кодекс за фер и демократски избори.

Апели за фер и коректна претседателска трка и регуларни избори до кандидатите, политичките партии и граѓаните упатија меѓународната заедница, државните претставници и ДИК.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.

Новиот претседател ќе можат да го изберат 1.808.131 граѓани со право глас запишани во Избирачкиот список.

На претседателските избори, своето право на глас во странство ќе можат да го остварат вкупно 1.782 граѓани во 32 Дипломатско – конзуларни претставништва и конзуларни канцеларии на Република Северна Македонија во странство.

Според извршената жрепка на ДИК, на гласачкоот ливче Река ќе биде под реден број еден, Силјановска – Давкова под број два, а Пендаровски под број три.

Мандатот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов завршува на 12 мај 2019 година.

Ова се првите избори по стапување во сила на Преспанскиот договор, со кој е решен спорот за името помеѓу Македонија и Грција и земјата го доби името Република Северна Македонија.

На 21 април во земјава покрај претседателските избори ќе се одржат и предвремени избори за градоначалници на општините Охрид, Ново Село и Дебар.