Пад од околу 5% на цените на нафтата на светските пазари


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Цените на нафтата на светските пазари минатата недела забележаа пад од околу пет отсто, по големите осцилации, бидејќи благо падна стравот на трговците од нарушувања на испораките на енергенсот од Русија поради војната во Украина и санкциите на Западот против Москва.

Цената на барелот на лондонскиот пазар падна минатата недела 4,8 отсто на 112,67 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини 5,7 отсто на 109.33 долари.

Откако минатите недела цените скокна повеќе од 20 отсто, сега прилично попуштија, бидејќи пазарот се смири, јавуваат агенциите.

Минатиот понеделник цената на барелот на лондонскиот пазар достигна 139 долари, а на американскиот 130, што беа највисоките вредности од 2008 година.

Тоа беше последица на стравувањата од нарушувања на рускиот извоз поради санкциите кои западните земји ѝ ги воведоа по нападот на Украина.

Пазарите подоцна во текот на неделата ги смири ветувањето на Русија дека ќе ги исполни договорните обврски за испорака на нафта, па трговците заклучија дека стравувањата од нарушувања се претерани.

Русија извезува меѓу четири и пет милиони барели нафта дневно, од што околу половина оди во Европа, па е најголем извозник на нафта во светот по Саудиска Арабија.

Поради тоа трговците се плашат дека нарушувањата на испораките од Русија дополнително би го зголемиле јазот меѓу слабата понуда и растечката побарувачка.

Соединетите Американски Држави кон средината на неделата воведоа ембарго на руската нафта, но европските земји не им се придружија.

Вашингтон, во потрагата за замена за руската нафта, почна преговори со Венецуела, спремен да укине дел од санкциите, а интензивирани се и преговорите со Иран за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година. Нивниот успех би резултирал со укинување на санкциите на иранската нафта.

Некои произведувачи од Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК), вклучувајќи ги Ангола и Нигерија, не успеваат да ги достигнат договорените производни квоти, што на групата ѝ го отежнува надоместувањето на изгубените руски барели.

Кон средината на неделата Обединетите Арапски Емирати, кои се во ОПЕК, порачаа дека поддржуваат засилено снабдување на пазарот со нафта, имајќи ги предвид нарушувањата предизвикани од санкциите против Русија.

Но, подоцна ОАЕ порачаа дека планираат да го почитуваат договорот на ОПЕК и нивните сојузници за зголемување на снабдувањето со нафта од месец во месец за само 400 илјади барели дневно.

Откако минатата година пораснаа повеќе од 50 отсто, благодарение на опоравувањето на светската економија од коронакризата, од почетокот на оваа година цените на нафтата скокнаа за над 40 отсто.

Аналитичарите сметаат дека цените на барелот веројатно ќе се задржат над 100 долари, сè додека ОПЕК, американските компании кои вадат нафта од шкрилци, или Иран, не обезбедат алтернатива на руската нафта.

Аналитичарите предупредуваат и на јакнењето на инфлациските притисоци во светската економија, кои ја поттикнуваат цената на барелот над 100 долари.