Ова е моментално најопасното место на светот и слабата точка на НАТО


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Слабо населениот, претежно земјоделски тесен појас меѓу Полска и Литванија – преминот Сувалки – ги спојува Белорусија и Русија со нејзината балтичка ексклава Калининград, домаќинот на руската Балтичка флота, која, како што со години се зборува, покрај руските воени бродови е дом и на нуклеарниот арсенал на Кремљ.

Според многу аналитичари, стотина километри долгиот коридор би бил првата мета на Владимир Путин, доколку рускиот претседател одлучи директно да го прошири конфликтот со Западот и земјите од НАТО.

Во разговор со репортерите на Политико, локалните жители на блиското гратче во Литванија Друскининкаj кажале дека не се плашат од напад на Русите, до неодамна најбројните посетители на тоа туристичко гратче. Освен тоа, очекуваат НАТО да ги брани. Но, нивниот роден крај се смета за Ахилова пета на Литванија, поради значењето кое Калининград го има за Русија, и важноста на Сувалки, наречен по близок полски град.

Поранешниот естонски претседател Томас Хендрик Илвес објаснува дека името – освен премин се нарекува и Сувалкиева пукнатина – го смислил само неколку минути пред состанокот со тогашната германска министерка за одбрана Урсула фон дер Лаен во 2015 година, кога се обидувал да ги предупреди сојузници на дупката во одбраната на Западот.

Во случај на конфликт, пишува Политико, Русија би можела симултано да нападне и од запад и од исток преземајќи го копнениот коридор и отсекувајќи ги балтичките земји од НАТО сојузниците.

„Тоа место е најранливото место“, истакнува Илвес.

Таквиот потег на Русија би кренал, нормално, тревога во целиот свет бидејќи тоа би значело дека светот дошол до точка на конфронтација на нуклеарно вооружени соперници. Илвес со Фон дер Лаен разговарал по повод руската анексија на Крим, но сегашната ситуација на истокот на Европа, и руското создавање копнен коридор за стратегиски важниот Крим, базата на нејзината Црноморска флота, за Илвес се „сценарио на судниот ден“ во ново светло.

Калининград е стратегиски и симболички важно место во руската новооткриена национална идеологија. Русија во тој град има натрупано значителен број војници, а нејзината Балтичка флота има десетици илјади војници. До Втората светска војна градот се викал Кенигсберг, но Советскиот Сојуз го зема градот од поразената Германија и го избрка од таа област германското население. Со распадот на СССР Калининград, кој до ден денес го задржа името по болшевичкиот лидер Михаил Калинин, станува руска ексклава.

Војниците на НАТО во моментов тренираат во близина на коридорот, за да бидат спремни за секое потенцијално сценарио. Разни аналитичари наведуваат дека Калининград е важен не само за руската офанзива во Украина туку и за руската безбедност воопшто. Иако тоа никогаш не го потврдила (ниту го негирала), се верува дека Русија таму чува дел од својот нуклеарен арсенал за да ги има на нишан европските престолнини, вклучувајќи го Берлин. Во Калининград, родното место на филозофот Кант, а и на поранешната сопруга на Путин, пристаништето е без мраз преку целата година и како такво е важно и за Русија и за балтичките земји, за сообраќај и трговија.

Во моментов Калинградската област има околу милион жители бидејќи е град основан од тевтонските витези, и кој пред Берлин бил главниот град на Прусија, своевиден магнет за емиграција од внатрешните делови на Русија. Калининград е и еден од најголемите руски индустриски центри, а неколку пати е избран за најдобар руски град, според мислењето на Русите.

Сега, во серијата удари кои, преку финансиски санкции, правни процеси или физички блокади, во изминатите месеци ги разменуваат Западот и Русија, се најде и Калининград. Литванија објави забрана на железничкиот транзит на стоки кои Европската Унија претходно ги стави на листата на санкции за извоз во Русија. Според гувернерот на таа област, Калининград поради тој потег ќе остане без 50 отсто од стоките кои ги увезува. Станува збор за јаглен, метали, градежни материјали и напредна технологија. Гувернерот на Калининградската област Антон Алиханов порача дека тоа ќе предизвика поголем транспорт по морски пат. Истакна дека од Русија ќе побара да преземе контрамерки.

Ништо засега не упатува на тоа дека Путин би можел да се реши на обезбедување на копнениот мост за својата важна ексклава, пишува Политико. Меѓутоа, тоа што Сувалки изгледа неважно го прави привлечен за Путин, сметаат аналитичарите.

„Единствениот одговор е да се зголеми присуството на НАТО силите“, смета Маргирис Абукевичиус, литванскиот заменик министер за одбрана. „Знаеме дека Русија е опседната со копнените коридори“.

На почетокот на овој месец загрижениот Вилнус го посети германскиот канцелар Олаф Шолц кој зборуваше за испраќање „силна бригада“ за зајакнување на безбедноста на Литванија, а се покажа дека Берлин мисли на единица од 50 војници.

Сепак, за безбедноста на тој дел од источното крило на НАТО сигурно ќе се расправа на скорешниот самит на сојузниците, смета Политико. Прашањето е дали дополнителни војници ќе се испратат на привремена или трајна основа. Одлуката уште не е донесена, но сигурно е дека НАТО значително ќе ги збие своите редови. Станува збор за историско поместување на „центарот на гравитацијата кон исток“, заклучува Политико.