Османи вчера изјави дека има документ кој е прифатлив за Македонија во преговорите со Бугарија – Бугарите го отфрлиле истиот


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Министерот за надворешни работи Бујар Османи во текот на вчерашниот ден ја изненади македонската јавност со изјавата дека има документ како основа за договор со Бугарија прифатлив за македонската страна.

По изјавите на албанскиот премиер Еди Рама дека Албанија ќе се „одвои од Македонија доколку формално не се отворат преговорите со ЕУ во јуни“, дипломатите во Скопје повторуваат дека одвојувањето на Тирана од Скопје на патот кон ЕУ ќе ја влоши регионалната динамика.

Сепак, сите тие, западноевропските дипломати, ја имаат информацијата дека Македонија веќе се согласила на некаков документ и сега сите погледи и притисоци се насочени кон Бугарија.

Од бугарска страна пак доаѓаат информациите дека нивниот премиер Кирил Петков засега преговорите ги водел на своја рака, без целосна согласност на коалициските партнери од власта и дека договорот бил добар за ЕУ и Бугарија. Ако прифати Софија, ќе се оди на гласање во парламентите и во Скопје и во Софија, брифираат западноевропските дипломати.

За време на состанокот во февруари, Бугарија ја информирала Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат. Ова за БГНЕС го соопштија од бугарското МНР во врска со наводите на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи дека постои документ кој е прифатлив за нас, но се чека одговор од властите во Софија.

„Постои активен дијалог меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и Република Северна Македонија со цел да се изнајдат решенија за отворените политички прашања. Последниот експертски состанок на тимовите на МНР се одржа на 11 февруари годинава, на кој се разговараше за најновите предлози на Северна Македонија, официјално испратени во декември 2021 година како одговор на предлозите на бугарската страна. На средбата во февруари бугарската страна ги информираше претставниците на Северна Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат“, соопштија од бугарското МНР.

Во Скопје, опозициската ВМРО-ДПМНЕ само потсетува на собраниската Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции усвоена со 95 гласа „за“. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека преговарачите со Бугарија треба само да ги почитуваат одредбите од оваа Резолуција.

Османи вчера нагласи дека се уште не може да каже дека имаме договор меѓу двете страни по однос на еден документ што треба да биде сеопфатно решение за сите разлики што ги имаме со Бугарија.

„Да, има еден таков документ што ние сме спремни да го прифатиме, меѓутоа се додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Бугарија сметам дека не се созреани тие предуслови за да можам јас да ги информирам пратениците и јавноста, бидејќи тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно“, изјави вчера Османи.

Прашан дали кочницата за решение се коалициските партнери на бугарскиот премиер Кирил Петков, Османи рече дека не е во ред да ги коментира „внатрешните динамики во Република Бугарија“.

В сабота во Битола доаѓа бугарскиот премиер Петков и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, кои ќе присуствуваат на отворањето на Културниот клуб на здружението „Иван Михајлов“.

Бугарскиот претседател Румен Радев завчера ја повтори цврстата позиција дека за Бугарија е исклучително важно да се придржува до националниот рамковен став во својата надворешна политика кон Македонија, до декларацијата на Парламентот, до консензусот постигнат од Советодавниот совет за национална безбедност.

„Се надевам дека ќе ја задржиме оваа политика, бидејќи тоа е единствената гаранција дека имаме одржливост и неповратност на интегративниот процес на Република Северна Македонија, додаде претседателот“, рече Радев.

Радев вчера во телефонски разговор со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, посочил дека во интерес на стабилноста на Обединета Европа е секоја земја кандидат за членство во ЕУ да ги почитува европските вредности поврзани со правата на своите граѓани, при што нагласил дека Бугарија очекува категорични резултати од Македонија по ова прашање, пред да даде согласност за почеток на преговорите со Унијата.

Во случајот со Македонија, кредибилитетот на ЕУ е крајно нарушен во земјава поради одолговлекувањето на процесот на пристапување, којшто стана заробеник на интересите на државите-членки и ако се следи од морална димензија истиот е целосно неетичен и е претворен во процес на идентитетски политики, оценуваат експертите.

Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ) неодамна објавија заедничка анализа во која се вели дека македонските црвени линии треба да бидат преточени низ конкретни, а не декларативни принципи и решенија кои политиката мора да ги испочитува за да обезбеди трајно, вистинско и одржливо решение на проблемот со Бугарија. Ова како еден вид предупредување на овие институти беше објавено со цел да се информира општата и политичка јавност и да се изостри нејзиниот фокус за суптилностите кои евентуалниот компромис со Бугарија мора да се земат предвид.

На Македонија не ѝ треба започнување на преговори со ЕУ ако во нив се влезе со позиција, која во текот на преговорите, би оставила простор за идентитетски и историски ревизии, се вели во документот.