Ортопедот Трајановски нов директор на Трауматологија и Ургентен центар

Доктор Александар Трајановски е назначе за нов директор на Универзитетска Клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентниот центар (ТОАРИЛУЦ), соопшти Министерството за здравство.

Трајановски е назначен за директор откако неговиот претходник Илир Хасани стана заменик-министер за здравство.

Д-р Трајановски е вработен на Клиниката за ортопедски болести при ТОАРИЛУЦ од 2011 година. Дипломирал во 2006 година на Медицинскиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2012 година завршил специјализација по ортопедија, а во 2019 година ја завршил и супспецијализацијата по трауматологија на истиот факултет.

Новиот директор на ТОАРИЛУЦ, додаваат од Министерството за здравство, се едуцирал и на Универзитетскиот клинички центар во Љубљана, Словенија, и во болницата „Аџибадем“ во Истанбул, Турција. Трајановски е учесник во научни проекти, автор и коавтор на повеќе научни публикации.