ОН алармира: Уништувањето на браната Нова Каховка светот ќе ја плати со поскапи цени на храната


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


ОН алармира дека уништувањето на браната Нова Каховка на Дњепар ќе изврши огромно влијание врз глобалната безбедност на храната, ќе ја зголеми нејзината цена и може да го загрози пристапот до вода за пиење за стотици илјади жители.

Браната Нова Каховка беше пробиена во раните утрински часови на 6 јуни, испуштајќи огромно количество вода што го поплави југот на Украина. Засега не е познато што го предизвика пробивот, иако норвешките сеизмолози и американските сателити тврдат дека регистрирале експлозија. Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за уништувањето, пренесува Плус Инфо.

Шефот на ОН за хуманитарни прашања Мартин Грифитс изјави за Би-би-си дека влијанието на настанот врз безбедноста на храната во светот може да биде значајно.

– Тоа е житница – целата област низводно, кон Црното Море и Крим – е житница не само за Украина, туку и за светот, рече тој.

– Веќе се соочуваме со тешкотии во однос на безбедноста на храната, но сега, сигурен сум дека нејзините цени ќе пораснат… Речиси е неизбежно следната година да видиме огромни, огромни проблеми во жетвата и сеидбата. И затоа ќе имаме огромно влијание врз безбедноста на храната – тоа ќе се случи, нагласи Грифитс.

Украина и Русија се два од клучните светски производители на храна и главни играчи на пазарот за пченица, јачмен, пченка, семе од репка, семки од сончоглед и сончогледово масло.

Грифитс рече дека 700.000 луѓе зависат од резервоарот за вода што го држи браната за вода за пиење. Без чиста вода, тие се изложени на ризик од болести, а децата се најранливи.

Британецот исто така рече дека и штетата од ваков обем, што е нанесена врз цивилната инфраструктура, е целосно кршење на меѓународното хуманитарно право, вклучително и Женевската конвенција.

– Тоа е очигледно. Кој и да го сторил тоа ја прекршил Женевската конвенција – заклучи Грифитс.