Актуелно

ОКТА продадена за 32 милиони долари, на Хеленик досега им исплативме казна од 40 милиони и уште ќе плаќаме

Своевремено ОКТА беше една од првите државни компании која беше продадена на странска компанија во рамки на приватизацијата, купена од страна на Хеленик Петролеум за 32 милиони долари. Но, ние досега на Хеленик Петролеум, на основ казна заради непридржување до купопродажниот договор од 1999 година им имаме исплатено 40 милиони евра и уште ќе им плаќаме.

Деновиве македонската Влада го очекува датумот за рочиште во Арбитражниот суд во Париз на жалба на грчката компанија Хеленик петролеум против македонската држава за непочитување на договорот од 1999 година за купување на тогашната скопска рафинерија ОКТА, пренесува Мкд.мк.

Според овој договор, Македонија се обврза 20 години (рокот истече годинава) да купува 500 илјади тони мазут годишно. Уште тогаш исполнувањето на оваа бројка беше речиси невозможна.

Хеленик петролеум уште во 2009 година покрена постапка, по што Македонија плати 40 милиони долари казна за непочитување на дел од одредбите на договорот за купопродажба на ОКТА. Од 2008 до 2011 година воопшто и не беше откупуван мазут. По завршување на важноста на договорот, јуни годинава, Хеленик петролеум повторно поднесе тужба и сега бара уште 32 милиони долари, кои со камата ќе достигнат до 40 милиони.

ОКТА од 2013 година не работи веќе како рафинерија, но обврската од договорот остана.

Од Владата велат дека веќе се во преговори за да се изнајде решение со кое би се намалила потенцијалната штета врз буџетот, направена пред 20 години.

Договорот за купопродажба на ОКТА беше склучен пред 20 години, кога премиер беше Љубчо Георгиевски. Договорот го потпиша Борис Стојменов, тогашниот министер за финансии.

Експертската јавност постојано критикуваше дека договорот е штетен за интересите на државата, не само поради обврските за мазутот, туку и по разни други основи. За купопродажбата, социјалдемократите повеќепати го прозиваа и Никола Груевски дека од позиција на министер во тогашната влада потпишал анекси на договорот во корист на Хеленик петролеум. Но, до денеска, за овој договор не беше покрената ниту една судска постапка.

Advertisements
To Top