Од Врховен ја потврдија одлуката за разрешување на судијката Лидија Неделкова од судската функција


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Советот кој одлучува по жалби во рамки на Врховниот суд ја одбил жалбата на Лидија Неделкова за одлуката на Судскиот совет да ја разреши од судиската функција, пренесува 360 Степени.

Одлуката била донесе на вчерашната седница, а од Советот во Врховен одлучиле дека нејзината жалба е неоснована.

„На седницата Советот за одлучување по жалби донесе одлука со којашто жалбата на жалителот ја одби како неоснована и го потврди решението на Судскиот совет на Република Северна Македонија бр. 10-10/20 од 01.03.2021 година“, соопштија од Врховен.

Седницата на која Судскиот совет расправаше за разрешувањето на Неделкова се одржа во февруари годинава. Тогашниот претседател на ова тело, Киро Здравев, соопшти дека членовите на Судскиот совет едногласно одлучиле таа да биде разрешена.

„Разрешувањето е поради ненавремено, немарно несовесно извршување на нејзините работни обврски. Повреда на Судскиот деловник односно Кодексот за судска етика и сите три потврди се основани. Одлуката е донесена едногласно“, рече Здравев по тајното гласање на седницата во февруари.

Неделкова тогаш реагираше дека била очигледна тенденцијата да биде отстранета и да пречи повеќе во судството и ја најави жалбата до Врховниот суд, која вчера била одбиена.

Судскиот совет ја разреши врховната судијка Лидија Неделкова

Нејзиното разрешување дојде по претставка на Јово Вангеловски, кој исто така беше разрешен од врховен судија, а беше и претседател на истиот суд. Тој во неговата претставката тврдеше дека сега поранешната судијка несовесно си ја вршела работата и имаше наведено неколку причини.

Прво, дека во периодот кога Врховен одлучувал за жалби 2018 во врска со референдумот, таа, како член на еден од трите совети кои биле формирани за одлучување, не била на работа. Втората точка поради која Вангеловски ја поднел претставката е што таа користела три дена годишен одмор без, како што тврдеше, од него како претседател на Врховен да добие решение дека може да го користи. Трета причина, според неговата претставка, била што Неделкова не сакала да прима предмети додека била во одделот за судење во разумен рок.

Неделкова, пак, од друга страна тврдеше дека не била на работа тие денови кога требало да се одлучува во врска со жалбите за референдумот затоа што паднала немала како да го информира судот.

„Тие денови, сабота и недела (кога не била на работа, а требало да биде дежурна) немало зошто да има дежурства бидејќи беа поминати сите рокови за жалби, а тоа е така напишано за да звучи појако“, тврдеше Неделкова.

Таа тврдеше и дека не е точно оти не сакала да прима предмети и дека всушност станувало збор за стари предмети заостанати од други судии кои потоа биле распоредени кај неа.

„Јас и колешката Марика Матевска за истото ова ни беше поднесена постапка. Нејзината се запре и замислете сега оваа моја постапка ќе биде различна, а за потполно истото. Не се работи за предмети кои не сум ги зела бидејќи во извештајот се прикажува дека тие веднаш треба да се земат. Тие беа предмети од 2017 и 2018 година, а тоа се случуваше 2019. Значи тие не беа решение од 2-3 судии, не беа мои предмети“, зборуваше Неделкова на денот кога одлучуваше Судскиот совет

Неделкова беше судијка во Врховниот суд од 2012 година, па се до февруари годинава кога се случи нејзиното разрешување, а во овој период беше и претседателка на Врховен. Нејзината биографија открива дека кариерата ја почнала во 1986 година, прво како приправник, а потоа како стручен соработник во тогашниот Окружен суд Скопје. Сè до 1996 работела во Кривичниот оддел и Кривичниот совет на тој суд. Во 1996 е избрана за судијка во Основниот суд Скопје 2 во Кривичниот оддел, а од 2007 согласно тогашниот нов Закон за судови таа работела како судијка во Основниот суд Скопје 1 (сега Основен кривичен суд – Скопје), на кој беше избрана и за претседателка во 2009 година.