„Од љубовта, од вистината и од својата судбина никој не избегал. Не избегав и јас!“: Почина композиторот Тоде Новачевски


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Композиторот и пејач Тоде Новачевски ја изгуби битката со тешката болест, канцер. Веста ја потврди Росана, простувајќи се со него со емотивна порака.

Новачевски јавноста го знаеше и ќе го памети по многубројните хитови кои ги направи за сестринското дуо, близначките Маријана и Росана, а во ек на најголемата популарност, заедно со Маријана со која тогаш беа во брак се преселија во Австралија.

Таму останаа и да живеат и по разводот, и музичарот до последните моменти од животот не криеше дека љубовта кон Маријана, кон нивните деца и внуци секогаш го води напред.

Пред два месеци, за роденденот на Маријана и Росана, јавно им се заблагодари за сè, со зборовите дека периодот кој го делел со нив, и со сопругот на Росана, актерот Трупче, бил најсреќниот период од неговиот живот.

Неколку дена пред тоа пак, откри дека ќелиите на канцерот се пробиле до мозокот, но не губел надеж дека сепак ќе се излекува.

– Организамот се тресе до степен на нестабилност, губење на рамнотежа и енергија, состојба во која се губи контрола на дел од телото, во мојот случај, левата страна. Оваа состојба не дозволува одмор, спиење, мир, и ако навремено не се реагира, може да предизвика удар и изливи во виталните органи.

Ете драги мои пријатели, до овде јас стигнав пред две-три недели, но позитивен и со верба дека низ оваа беља ќе минувам со надеж и оптимизам како и досега-појасни тој лани, во декември.

Последните објави на неговиот профил се посветени на семејството, на љубовта кон децата, внуците, Маријана…

– Од љубовта, од вистината и од својата судбина никој не избегал. Не избегав и јас! Ако со некоја моја песна, музика, или било каква мала добрина сум ве израдувал малку, еве ми го најубавиот момент да сум најсреќен и најспокоен човек на светот, само заради тоа! – напиша тој во една од последните јавни објави.