Од харвардски менаџери, преку социјалисти, до конзервативци и популисти – новата бугарска Влада има неверојатно мешан состав


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


После 254 дена без влада, Бугарскиот парламент со просто мнозинство ја избра владата предложена од Кирил Петков. Коалицијата брои 4 партии. Покрај партијата на Петков, во неа е и ултра-популистичката „Има таков народ”, Бугарската социјалистичка партија и Демократска Бугарија. Во позадина има уште еден важен актер: штотуку реизбраниот претседател Румен Радев.

„Логично е да се зборува за нешто како коалиција од пет страни”, оценува Парван Симеонов, директор на Институтот за испитување на јавно мислење Галуп интернешнл Балкан. Доказ за улогата на Радев во владата е тоа што со Петков (премиер), Асен Василев (финансии), Бојко Рашков (внатрешни работи) и Стефан Јанев (одбрана) се застапени четворица членови од преодната влада која тој ја назначи во април годинава, а сега се на важни министерски функции. Поранешниот премиер Бојко Борисов кој преку 10 години владееше со земјата, новиот владин состав го коментираше на за него својствен начин: „По оваа влада следува катастрофа”.

Петков и партнерот Василев за владата како лајтмотив го поставија транспарентното делување. Коалициските преговори во живо се пренесуваа на интернет. Јасно се забележа дисциплинското влијание на таквата мерка: пред вклучени камери никој не сакаше да направи грешка и така Бугарија беше сведок на едни од најмирните коалициски преговори во изминативе години. Политикологот Јасен Бојаџиев за ДВ коментира дека „никој не удирал на масата, немало никаква кавга, а дури и критичките и провокативни дофрлувања од страна биле релативно ретки во споредба со порано”.

Секоја од партиите ќе мора да се мери според „принципот за единство и соработка” формулиран во коалицискиот договор. За да не може никој да избегне одговорност, Петков го објави коалицискиот договор и на интернет. „Партиите склучија коалициски договор од преку 140 страници, кој треба да претставува гаранција дека во иднина ќе се работи на политички содржини. Треба да се види колку партии се со сериозни намери во врска со ова”, вели Весела Чернева. Но, оној кој толку настојува да се покрие со гаранции и механизми за решавање на проблеми, не треба да се чуди ако се стават под прашање довербата и стабилноста.

„На Вас и на Вашите партнерски партии Ви припадна одговорноста да го реформирате лошиот модел на владеење кој го наследивте од една 12 годишна автократска влада.” Со овие зборови претседателот Радев во саботата го прифати предлогот за владин состав на Петков. Покрај нескриениот „напад” против поранешниот премиер Борисов, претседателот со тоа ги формулираше и најважните задачи за новата влада: борба против корупција и реформа на правосудството. Двете точки се на прво место во коалицискиот договор. Во него дури се споменува и дека Бугарија сака да созрее во земја што ќе е пример за сузбивање на корупцијата. Уште пред преземањето на власта, Петков побара спорниот генерален јавен обвинител Иван Гешев да се повлече од функцијата, како чин на појдовна точка за од ЕУ бараната реформа на судството. Големи промени може да се очекуваат и во однос на политичкиот стил. Додека Борисов и ѕвездата од забавната сцена Слави Трифонов беа ценети од своите поддржувачи поради едноставното изразување и блискоста до народот, Петков и Василев важат за технократи.

Економија и финансии им се полиња на специјалност на двајцата партнери, апсолвенти на престижниот универзитет Харвард. Во интервју со германскиот неделник „Шпигел” Петков рече дека „Кој уште верува во идеологии, на својот мозок му дава пауза. Многу луѓе од нашиот најблизок круг се апсолвенти на Харвард програмата овде во Бугарија. Адвокати, доктори, луѓе од ИТ секторот. Но, и повеќето административци не се корумпирани. Се работи за мал број луѓе. Тие скапани јаболки мора да ги издвоиме”, вели Петков. Во коалицискиот договор затоа стои дека во сите ресори ќе има формирање експертски групи. Дали енергијата на експертите од Харвард ќе се наметне кај закоравените бугарски чиновници и бирократијата, ќе покаже иднината.

Новата влада е повеќе прагматична заедница од интерес отколку брак од љубов. Но „математички овој владин сојуз беше единствената можна комбинација за формирање влада без ГЕРБ и ДПС („Движење за права и слободи”, партија на турското малцинство во Бугарија). Ова ќе биде хетерогена коалиција, но важно е дека за клучните прашања поврзани со корупција, судство, буџет и менаџирање на корона пандемијата тие имаат слични ставови, вели Чернева.

Сепак не може да се занемарат тензиите и разликите меѓу четирите партии. „БСП не може веродостојно да биде лице на една промена (…) Корнелија Нинова (н.з. претседателка на БСП и идна министерка за економија) е позната ковид скептичарка, националист и приврзаник на теории на заговор, коментира Георги Ангелов за ДВ. Конзервативната ДБ долги години исклучуваше соработка со социјалистите. Поради ова коалицијата не беше склучена на заедничи разговори, туку секоја партија одделно потпиша договор за коалицирање со победничката ПП. Дополнително и непресметливиот претседател на ултрапопулистите од ИТН, шоуменот Слави Трифонов летово направи многу штета и раздор со неговиот несреќен обид да формира малцинска влада.

За да се избалансираат овие тензии, со коалицискиот договор се предвидува и по едно вицепремиерско место за секоја партија. Исто така секоја партија ќе има свој советник во ресорите со кои не раководат.

„Ова треба да служи како противтежа против феудализација на министерствата од страна на партиите”, објаснува Христо Иванов, копретседател на ДБ во интервју за националното радио БНР. Сепак овие мерки тешко може да се интерпретираат како меѓусебна доверба.

Опстојувањето на овој сојуз е еден од најголемите предизвици на новата влада. „Четирите партии ги обединува заедничкиот став дека ГЕРБ и ДПС мора да бидат исклучени од владата,” вели Георги Ангелов за ДВ.

„Фугата” која треба да ја држи новата влада е пред сѐ јасното дистанцирање од долгогодишниот премиер Бојко Борисов. Но, неговата партија ГЕРБ е сѐ уште доста застапена во администрацијата, градовите и општините.

Парван Симеонов затоа смета дека за судбината на Борисов клучни ќе бидат локалните избори во 2023 година. И за претставниците на партиите од новата владина коалиција, како Христо Иванов, Борисов и ГЕРБ се политички одредници на следните локални избори.

„Оваа влада е мост меѓу ерата на Борисов и нов владин стил и политички курс на владеење. Можеби ќе треба време, до следните локални избори (н.з. во 2023) додека оваа политичка конструкција да стане постабилна.”

Но, ќе опстои ли доттогаш антиборисовата владина коалиција?

Извор: Гласот на Америка