Од делумно слободна, Македонија доби статус на земја со неслободни медиуми


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Македонија од делумно слободна премина во неслободна земја според слободата на медиумите, според оцената на меѓународната организација Фридом хаус во најновиот извештај за 2016.

Според Фридом хаус, причината за назадувањето е „откривањето дека постои големо незаконско владино прислушување на новинарите, коруптивни врски меѓу функционери и сопственици на медиуми и зголемување на заканите и нападите врз медиумските работници“.

Извештајот на Фридом хаус забележува дека медиумите во Македонија се длабоко поделени по политичка линија.

„Самоцензурата меѓу новинарите е вообичаена, пред сѐ, поради притисокот од сопствениците на медиумите со особени бизнис или политички интереси и, од неодамна, поради загрженоста од прислушувањето. Новинарите се лошо платени и се соочуваат со закани и малтретирање кога се занимаваат со истражувачко новинарство или критичко пишување“, се вели во извештајот на Фридом хаус за Македонија за 2016-та.

Фридом хаус потсетува дека во февруари 2015 година, опозицискиот лидер Зоран Заев обвини дека владата на тогашниот премиер Никола Груевски спровела масовно прислушување при што таргетирани се повеќе од 100 новинари, како и илјадници други граѓани.

Според наодите на Европската комисија, дополнителната истрага покажала дека треба да се поддржат тврдењата на Заев, пишува во извештајот организацијата.

Заев објави серија снимки од разговори сугерирајќи дека власта имала улога во одлуките за содржината на јавните и некои приватни медиуми. Повеќе новинари добија закани или доживеаја физички напади во текот на годината, појаснува Фридом хаус.