Обвинителството бара притвор за Кичеец за сообраќајката на превојот Стража


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Во рамки на истрагата која ја спроведува гостиварското обвинителство за сообраќајната несреќа што се случи во саботата на магистралниот пат Гостивар-Кичево, од страна на тој орган е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. Заради ваквиот сомнеж, за лицето кое го управувало „мерцедесот“, за кое овие денови беше утврдено дека станува збор за Зоран Милески Кичеец, е побаран притвор, пренесува Плус Инфо.

„На 4 септември, на магистралниот пат Кичево-Гостивар, осомничениот како учесник во сообраќајот на јавните патишта не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај. Движејќи се со патничко моторно возило „мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, тој на критичното место не ја прилагодил брзината на движење според состојбите и условите на патот и на видно обележана полна надолжна линија започнал престигнување на возилото пред него – автомобил „БМВ“ со тетовски регистарски ознаки. Во истиот момент, во обратна насока кон Кичево се движел автомобил „санг јонг“ со гостиварски ознаки, на кое осомничениот му го попречил патот, па директно удрил со предниот десен дел од „мерцедесот“ во предниот десен дел од автомобилот „санг јонг“. Удреното возило со левиот страничен дел, пак, удрило и во автомобилот „БМВ“ кој бил претекнуван. Во несреќата, животот го загубил сопатник во автомобилот „санг јонг“, четири лица се здобиле со тешки телесни повреди, а тројца, меѓу кои и осомничениот, се здобиле со телесни повреди“, се наведува во соопштението.

Поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците/оштетените и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.​

Зоран Милески – Кичеец е осуден за случајот „Рекет“ и во време на сообраќајката бил пуштен 30 дена од затворот во Струга поради лекарски прегледи.

Дописникот на МИА јавува дека Милески со стражарска придружба како затвореник бил спроведен во ОЈО Гостивар и во зградата на гостиварското обвинителство бил задржан повеќе од пет часа.