Новиот Закон за јавно обвинителство стапува на сила – Јовески ветува ефикасност и разрешница на случаите од СЈО


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На сила стапува новиот Закон за јавно обвинителство, според кој, како што тврди државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, се добиваат одредби кои се добра основа за современо Јавно Обвинителство (ЈО) како надлежен орган во иднина за гонење на сторени кривични дела.

Во интервју за opserver.mk, тој уверува дека институцијата е подготвена за имплементација на новите одредби, за преземање на предметите од поранешното Специјално Јавно Обвинителство (СЈО) и дека сторителите на кривични дела ќе добијат заслужена казна. Но, и дека Обвинителството овојпат нема да ја повтори грешката од минатото во кое, поради непостапување, се формира СЈО.

„Уверувам дека предметите ќе добијат завршница, нагласува државниот јавен обвинител, Јовески кој нагласи дека здравствената криза ги „закочила“ сите области во општеството, ситуација на која не биле имуни ниту правосудните органи.

Новото законско решение ја воспоставува кариерата на јавните обвинители што значи дека во повисоките јавни обвинителства ќе може да се дојде само со претходно искуство во пониските јавни обвинителства. Новиот Закон, исто така, го задржува принципот на подреденост на обвинителствата, ја нагласува самостојноста на јавниот обвинител во постапувањето по конкретните предмети, но ја изострува и неговата одговорност со оглед на тоа што се предвидени подруги основи за одговорност на јавниот обвинител. Значаен сегмент, меѓудругото, е финансиската самостојност, со оглед на тоа што се предвидува одвојување на најмалку 0,4 отсто од Буџетот за потребите на ЈО.

„Во однос на организациската поставеност, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, според одредбите на новото законско решение, има финансиска самостојност, но и самостојност во делот на постапување по предметите. Значајна придобивка е тоа што и јавниот обвинител кој раководи со Јавното Обвинителство ќе биде избиран на непосредни избори од јавните обвинители што е гаранција дека се отстрануваат секакви надворешни влијанија. Воедно ова ќе значи и ефикасност и непристрасност во гонењето на сторителите на тешките кривични дела и корупцијата“, истакна Јовески.

Носењето на новиот Закон за јавно обвинителство траеше речиси 18 месеци за, конечно, во февруари оваа година биде изгласан во Собранието на што претходеа партиски препукувања. Опозицијата обвинуваше дека со Законот се задоволат нечии дневно-политички потреби и дека со него се прави обид да амнестија на функционери на актуелната власт. Власта, пак, за предложеното законско решение велеше дека е подлога за силна, професионална, одговорна и непристрасна институција, за сериозно прочистување и поголема транспарентност во судството.

„Само со професионалци и компетентни луѓе кои се ослободени од влијанија, Јавното Обвинителство ќе покаже во јавноста дека има кадар кој е подготвен за борба со криминалот. Имаме потреба од силно јавно обвинителство за сите нас, за државата. Владеење на правото е темел на секоја демократија и еднаквост на граѓаните“, порачува Јовески.

Со Законот за ЈО кој денеска стапува на сила, но и со другите закони што се усогласија со препораките на Венецијанската комисија, меѓудругото се нуди и можност за целосна проверка од соодветни институции на имотот и неговото потекло на сите судии и обвинители.