Новиот лидер на СДСМ, Ковачевски, утре треба да го претстави новото партиско раководство – се „вртат“ и многу имиња за нови министри


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


На утрешната седница на Централниот одбор на СДСМ партијата треба да го потврди претседателот Димитар Ковачевски како нов мандатар за новата Влада. Освен тоа се очекува Ковачевски да го предложи и новото партиско раководство. Бројни се неофицијалните информации за тоа кои личности ќе влезат во новото раководство и кои ќе бидат новите министри од СДСМ во новата Влада.

Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски информираат дека во среда се очекува шефот на државата да му го додели мандатот на Ковачевски, по што почнува да тече рокот од 20 дена за составот кабинетот на новиот премиер.

Во рок од 20 дена новиот мандатар треба на Собранието да му го достави составот и програмата за работа на новата Влада. Веднаш штом Собранието го добие предлогот на мандатарот почнува да тече нов рок од 15 дена во кој спикерот Џафери мора да ја закаже седницата на која ќе се избира Владата. На неа, новиот мандатар ќе има свое експозе по кое почнува расправата која може да трае најмногу 2 дена, односно гласањето мора да се одржи најдоцна вториот ден пред полноќ.

За избор на нова Влада на Ковачевски ќе му биде потребно мнозинство од вкупниот број на пратеници.

Планот на пратеничката група на СДСМ е пред Бадник или веднаш по Божиќ на 8 јануари во Собранието веќе да биде доставена програмата и новиот состав на Владата, а седницата за избор на нова Влада да се закаже идната недела за да може до сабота, 18 јануари новиот кабинет и официјално да добие зелено светло од пратениците.

Ковачевски на вчерашната средба со партискиот подмладок само потврди дека следуваат промени.

Досега од партиските и владините функции се повлекоа Радмила Шекеринска, Мила Царовска, Венко Филипче, Оливер Спасовски, Коста Петров…

Некои медиуми веќе ги објавија имињата можните нови потпретседатели на СДСМ – Нина Фити, членка на Извршниот одбор на СДСМ, пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска, градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, актуелниот потпретседател и вицепремиер Фатмир Битиќи…

Веќе е објавено дека Миле Зечевиќ ќе биде нов генерален секретар на СДСМ, а Бојан Маричиќ секретар за меѓународна соработка.

Од Ковачевски се чека и предлогот за состав на новиот Извршен одбор на СДСМ за каде се споменуваат имиња на поранешните високи партиски функционери.

Од можните нови имиња од СДСМ во власта, се споменуваат имињата на Нина Фити, како министерка за труд и социјална политика, а за истото место во игра е и името на владиниот советник за труд и социјална политика Милан Живковиќ, Бојан Маричиќ би го заменил Никола Димитров на местото вицепремиер за евроинтеграции, Петре Шилегов е можен нов министер за транспорт и врски, вицепремиерот Љупчо Николовски можно е да се врати во Министерството за земјоделие, на негово место, вицепремиер за борба против корупцијата, се споменува Соња Лукаревска, актуелната директорка на УЈП и заменик потпретседателка на СДСМ…