Нов Гинисов рекорд: За 12 часа засадија 66 милиони стебла

Средишната индиска држава Мадхја Прадеш постави нов Гинисов рекорд со подвигот во кој 1,5 милиони доброволци покрај течението на реката Нармаду засадија над 66 милиони стебла во само 12 часа.

Со тоа тие го надминаа досегашниот рекорд кој го држеше соседната држава Утар Прадеш, кога 800.000 доброволци во 2016 година засадија 50 милиони стебла за 12 часа.

Потсетуваме, поради побарувачката за огревно дрво и земјиште за градежни зафати, во Индија се уништени огромни тревнати и шумски пространства. Од 2013 година досега, во споменатата држава Мадхја Прадеш, уништени се над 2.500 квадратни километри густа и средно густа шума.

Шиврај Синг Чоухан, главниот министер на Мадхја Прадеш, се пофали со овој подвиг: „Исклучително сум горд што луѓето од Мадхја Прадеш успешно засадија 66 милиони млади дрвца“.

Целта на масовното засадување млади дрвца е подигнување на свеста за националниот план „зеленото повторно да го направиме зелено“. На конференцијата за климатските промени во Париз, Индија вети дека ќе ги зголеми шумските површини на 95 милиони хектари до 2030 годна, за што ќе бидат вложени 6,2 милијарди долари.