Никола Груевски за 8 дена треба да добие покана за одлежување на затворската казна


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Со пристигнувањето на пресудата од Апелација до Кривичен, започнува да тече осумдневниот временски рок во кој обвинетиот и осуден Никола Груевски треба да добие упатен акт за пријавување во затвор.

Потврдената затворска казна од две години за експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и намалената казна од 6,5 на 4,5 години затвор за поранешниот шеф на набавки во МВР Ѓоко Поповски од Апелацискиот суд денеска пристигна во Основниот суд Скопје 1 пред судија за извршување санкции.

-Второстепената пресуда за предметот со КОК бр. 59/17 од обвинителството означен како ‘Тенк’ ,од Апелациониот суд денеска беше доставена до Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Пресудата ќе биде распределена на понатамошно постапување кај судија за извршување санкции кој во следниот период треба да изготви упатен акт и да го испрати до странките во постапката, соопшти Основниот суд Скопје 1.

Тоа значи дека судија за извршување санкции треба да му издаде акт кога и каде треба да се пријави за издржување на затворската казна.

Груевски треба доброволно да се јави во затворската установа што ќе му ја одреди судијата за извршување санкции од Кривичниот суд. Поповски веќе е на отслужување на својата казна.

Груевски е осуден во случајот „Тенк“ на СЈО, за незаконито влијание во набавката на луксузниот „мерцедес С-600 гард“ од безмалку 600.000 евра. Поповски е осуден за истиот случај.