„Не плашете се“ – им порача Трамп на демонстрантите во првото постизборно интервју


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Доналд Трамп во интервју за емисијата „60 минути“ упати порака до демонстрантите и до сите други луѓе што се загрижени поради тоа што може да им го донесе неговото претседателствување: „Не се плашете. Ќе си ја вратиме земјата. Но секако, не се плашете.“

За неговата средба со претседателот Обама новоизбраниот претседател рече: „Открив дека тој е феноменален. Има одлична смисла за хумор, колку што може да имате смисла за хумор кога зборувате за тешки теми, а ние зборувавме за некои прилично тешки теми.“

Тој рече дека никогаш дотогаш се немал сретнато со Обама, но меѓу нив имало „многу добра хемија“ и за него „разговорот навистина бил неверојатно интересен.“

Во однос на пограничниот ѕид што ветуваше дека ќе го гради, на прашањето дали би прифатил ограда наместо ѕид, Трамп рече: „За одредени области би прифатил, но за некои области посоодветен е ѕид. Јас сум многу добар во тоа, тоа се вика изградба“.

Запрашан дали ќе назначи судии во Врховниот суд што ќе го поништат решението за правото на абортус, Трамп изјави дека ќе именува судии што се „за животот“ и дека прашањето за абортусот ќе им се врати на државите. Ако жената не може да добие абортус во државата во која живее, „Па, таа ќе мора да оди во друга држава“, рече тој.

Во однос на расистичките напади извршени од поддржувачи на Трамп, кои малтретирале Латиноамериканци и муслимани, новоизбраниот претседател рече: „Многу сум тажен што го слушам тоа. И велам, ‘Престанете’. Ако… ако помогне. Јас ќе го кажам ова, и ќе го кажам право пред камери: Престанете.“

Трамп зборуваше емотивно за телефонските разговори со обајцата Клинтонови и одби да каже дали ќе го исполни своето ветување дека ќе назначи специјален обвинител да ја испита Хилари Клинтон. „Не сакам да ги повредам“, изјави Трамп. „Тие се добри луѓе. Не сакам да ги повредам. И ќе ви дадам многу, многу добар и дефинитивен одговор следниот пат кога ќе дојдам на ’60 минути’.“

Трамп инсистираше дека нема да зема повеќе од симболичниот 1 долар од претседателската плата, која изнесува 400.000 долари годишно. „Не, нема да земам плата. Нема да ја земам“, рече тој.

Ексцентричниот милијардер рече дека планира веднаш да депортира меѓу два и три милиони имигранти, односно луѓе што немаат документи за престој во САД.

„Луѓето што се криминалци и што имаат судски досиеја, кои се членови на банди, трговци со дрога… кои сигурно ги има два, а можеби и три милиони, ќе ги избркаме од нашата земја, или ќе ги затвориме“, рече Трамп.

За тајните планови да ја порази Исламска држава Трамп изјави: „За тоа нема да зборуваме. Не сакам да слушнат ништо за тоа. Никому не сакам да му кажам ништо“, нервозно рече Трамп, иако новинарката инсистираше на одговор.

Новоизбраниот американски претседател мораше да одговори на критиките дека вработил голем број лобисти, кои му помагаат што побезболно да го преживее трансферот на власта, иако во очите на јавноста се претставува како борец против естаблишментот.

„Се колнам дека тие се единствените луѓе што можев да ги вработам, впрочем, тука сите се лобисти. Нема нормални луѓе и тоа е проблемот на овој систем. Се колнам дека ќе го исчистам системот“, изјави Трамп.