Најголемиот хакерски напад на Твитер каков што САД одамна не паметат


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Твитер профилите на некои од најмоќните и најбогатите луѓе во Америка беа мета на хакерски напади откако на истите осамна чудна порака: некој од нивно име ги повика луѓето да им испратат биткоини, а потоа би им се вратиле двојно повеќе пари. Се разбира, станува збор за хакерски напад каков што одамна не е забележан.

Жртви на нападот беа Џо Бајден, Барак Обама, Кање Вест, Илон Маск, Бил Гејтс… Првиот бран напади беа врз твитер-профилите на истакнати лидери на компании што се занимаваат со криптовалути, пишува Њујорк тајмс. Но наскоро списокот на жртви се прошири.

Твитер брзо отстрани многу пораки, но во некои случаи од истите профили повторно беа испратени слични твитови, што покажува колку бил немоќен Твитер да ја врати контролата.

Истрагата на Твитер за нападот откри дека се компромитирани профилите на неколку вработени што имале пристап до внатрешните системи. Напаѓачите потоа го употребиле внатрешниот систем на Твитер за да твитуваат од профили на познати личности како што е Бајден.

„Проверуваме кои други злонамерни активности се направени и до кои информации можеле да пристапат“, додаде портпаролот на Твитер.

„Презедовме значајни чекори да го ограничиме пристапот до внатрешните системи и алатките додека истрагата продолжува“, додаде тој.

И шефот на Твитер, Џек Дорси, рече дека ова бил еден од најтешките денови на Твитер.

Хакерите не го искористија упадот за да нападнат некоја важна институција или инфраструктура – наместо тоа, тие само барале биткоин. Но нападот ги загрижи експертите, бидејќи хакерите лесно можеле да предизвикаат многу поголема штета.

Малку докази има за тоа кој го извршил нападот. Да кажеме, земјата што е „дежурен виновник“, Северна Кореја, често користела биткоин во хакерските напади. Но карактеристиките на нападот на Твитер – кој беше „ефикасен, но и аматерски“ според зборовите на еден висок американски разузнавачки службеник – ги наведе американските разузнавачки агенции да проценат дека ова најверојатно е дело на индивидуален хакер, а не на држава.

Ако тоа биле Русија, Кина, Северна Кореја или Иран, рече официјалниот претставник, кој не сакаше да биде именуван, веројатно нападот ќе го искористеле за да предизвикаат хаварија на берзата, или можеби за да напишат политички изјави од името на Бајден или други политичари.

Официјалните лица исто така забележале дека не е хакиран профилот на еден од најмоќните корисници на Твитер: претседателот Трамп. Налогот на Трамп е под посебен вид заклученост по минатите инциденти, забележа официјалниот претставник.

Хакерите направија и некои „почетнички грешки“, рече Алекс Стамос, поранешниот шеф за безбедност на Фејсбук. Бидејќи напаѓачите испратиле идентични пораки од компромитираните налози, било лесно да се откријат и да се избришат. Одлуката да се побараат пари преку биткоин, додаде тој, покажа дека напаѓачите најверојатно не можеле или не сакале да перат пари. Биткоинот е популарна алатка за ваквиот вид измами затоа што откако жртвата ќе испрати пари, начинот на кој работи биткоинот, без надлежни институции, прави да е невозможно да се вратат средствата.

Експертите за сајбер-безбедност рекоа дека нападот покажува колку се ранливи социјалните мрежи на нападите.

„Ова покажува колку е реален ризикот пред изборите“, рече Стамос.

„Твитер стана најважната платформа кога е во прашање дебатата меѓу политичките елити и има реални недостатоци“, заклучува тој.