Над 2.000 загинати лица и илјадници исчезнати во стравичните поплави кои бурата „Даниел“ ги предизвика во Либија


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Црниот епилог од стравичните поплави кои ги предизвика бурата „Даниел“ во Либија е над 2.000 луѓе кои досега ги загубиле животите и околу 6.000 други кои се водат за исчезнати во еден од најпогодените градови Дерна, потврди министерот за здравство, Отман Абдулџалил.

Тој ситуацијата во овој регион ја нарече „катастрофална“, а градот Дерна го опиша како „град на духови“, додавајќи дека делови од градот се целосно изолирани поради поплавите. Абдулџалил побара помош од меѓународната заедница објаснувајќи дека на либиските власти им се потребни тимови за спасување и потрага по преживеани, пренесува Радио МОФ.

Од Црвената Полумесечнина на Либија претходно изнесоа проценка дека повеќе од 300 луѓе загинале во Дерна.

Директорот на службите за итни случаи во Либија, Осама Али, за Си-Ен-Ен изјавил дека рушењето на браните предизвикало целата вода да удри во градот Дерна.

Цели населби во регионот биле однесени од калливата вода која со себе носела возила и отпад. Во градот биле отсечени и телефонските линии, што според Али ги отежнува спасувачките акции.

„Временските услови не беа добро проучени. Нивото на морето и количината на дожд не беа добро анализирани, како и брзината на ветровите. Немаше никакво претходно евакуирање на семејствата кои можеа да се најдат на патот на бурата. Либија не беше подготвена за катастрофа како оваа. Никогаш претходно не сме сведочеле на вакво ниво на катастрофа. Признаваме дека имаше одредени пропусти и покрај тоа што првпат се соочуваме со вакво нешто“, изјавил Али.

Либија, држава со шест милиони жители, е поделена помеѓу завојувани страни од 2014 година, по бунтот против Моамер Гадафи во 2011 година поддржан од НАТО.

Дождот кој ја зафати земјата е резултат на остатоците од многу силниот систем на низок притисок кој официјално е наречен како бура „Даниел“ од националните метеоролошки служби од Медитеранот. Невремето предизвика катастрофални поплави во Грција минатата недела и потоа се придвижи кон Средоземното Море, по што се претвори во таканаречен медитерански циклон. Ваквите бури се опасни по крајбрежните медитерански држави на сличен начин како ураганите кои го зафаќаат Атлантикот или тајфуните во Пацификот.

Остатоците од бурата која беснееше во северниот дел на Либија полека се движат кон северот на Египет. Таму во следните два дена се очекува да има врнежи кои ќе достигнат до 50 милиметри во регион кој просечно има врнежи од помалку од 10 милиметри во текот на цел септември.