Денеска во 18 часот нов протест пред Владата и ОЈО за аферата во скопска Онкологија


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


За денеска, понеделник, 11. септември, во 18 часот пред зградата на македонската Влада повторно е закажан протест против криминалот во Клиниката за онкологија.

Протестот од Влада ќе продолжи пред зградата на Основното јавно обвинителство од кое се бара судска разрешница за сите инволвирани во скандалот со Клиниката на онкологија.

Поранешни пациенти и роднини на пациенти од онкологија бараат ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела, да се истражи инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев, проширување на истрагата на работата на детска онкологија, целосна ревизија на работата на Клиниката за онкологија, правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на онкологија, пациентите да имаат увид во самата истрага.

Граѓаните бараат обвинителството да отвори истрага и за тоа дали и поранешната директорка на онкологија која се уште работи на оваа клиника е вмешана во скандалозната шема за крадење лекови.

Од неформална група „Протест против убиството на Онкологија“ велат дека до нив пристигнуваат бројни информации од пациенти кои биле уценувани да ја купуваат терапијата приватно.

„Според нашите информации, во шемата каде пациентите плаќале и до 4.000 евра лек, била инволвирана и поранешна директорка на Клиниката за Онкологија, која во минатото добила кривична пријава за ‘злоупотреба на службената положба’ за предизвикана штета на Клиниката за онкологија од неколку милиони евра. Најстрашното е што токму оваа директорка се уште работи на Клиниката за oнкологија! Бараме ОЈО на чело со Јовевски да обзнани дали истрагата за поранешната директорка резултирала со судска пресуда, како и да се отвори истрага за овие наводи“, пишува на фејсбук групата на неформалната организација „Протест против убиството на онкологија“.

На денешниот протест најавено е дека ќе се приклучат и членовите на Независниот синдикат на здравствените работници. „Треба да се објават со име и презиме. Тие 10, 20, 30 луѓе не треба да ги оцрнат другите 25 илјади вработени во здравствениот систем. Ние го осудуваме случајот, ги поддржуваме протестите и лично ќе бидеме присутни“, изјави Боби Бојчевски, од Независниот синдикат на здравствени работници при КСОМ.