На сицилијански начин: „Избери коска, јас ти ја кршам и ќе земеме јаки пари од осигурување“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Во рамки на полициската акција од италијанските надлежни служби, беа разбиени две сицилијански банди кои со помош на дискови од тегови за бодибилдинг намерно им кршеле коски на нивните жртви, со цел да направат осигурителни измами и да издејствуваат обештетувања од осигурителните компании.

Во полициската акција беа уапсени единаесет лица од Палермо, меѓу кои и медицинска сестра која на повредените им набавувала лекови за болка за време на бруталното кршење на коските, пренесе АФП.

Портпаролот на полицијата во Палермо соопшти дека бандите делувале одделно, им ги кршеле коските на жртвите, воглавно зависници од дрога, алкохоличари, но и луѓе во тешка економска состојба за да лажираат сообраќајни несреќи и да земат пари од осигурувањето.

Жртвите биле ставани кај оштетени возила на периферијата на Палермо. Потоа лажни сведоци би повикале брза помош.

Жртвите, кои самите бирале кои коски ќе им бидат скршени, им се нудени износи од 30 отсто од исплатената сума од осигурувањето, а како што тврди полицијата некои биле и до 150.000 евра во зависност од повредата.

Сепак, бандите по „извршената работа“ им плаќале само 50 или 100 евра на жртвите.

Полицијата соопшти дека при извршувањето на овие дела, една од бандите во јануари убила еден Тунижанин при сценирањето на несреќата.

И покрај неговата смрт, бандата продолжила со измамите. Неговото тело било оставено покрај патот, а парите од осигурувањето биле целосно наплатени.