На Мијалков му застаре и делото за учество во изборни измами


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Апелационен суд во понеделникот ја одложи седницата за „Титаник 2“ и ја презакажа за 13 април. На таа седница требаше да биде донесена пресуда за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, а тој нема да биде осуден за учество во изборни нерегуларност на локалните избори во 2013 година, бидејќи кривичното дело застарува денеска.

На седницата во понеделникот беа присутни само Мијалков и Бедредин Ибраими, кој рече дека не добил покана, но дознал по допрен глас и дошол на седницата. Не беа присутни лидерот на ДПА Мендух Тачи и членовите на ДИК Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, кои судот констатира дека биле неуредно поканети, пренесува Слободен печат.

На 23 јануари годинава, Основниот кривичен суд ги прогласи за виновни и им изрече вкупна казна од 12 години затвор на обвинетите во повторената постапка за случајот „Титаник 2“, кој се однесува за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година во Општина Струмица.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за стореното кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“ судот го осуди на казна затвор во траење од две години, во која се пресметува и времето поминато во притвор.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, за сторено кривично дело „повреда на избирачко право“ судот го осуди на казна затвор од две години.

На поранешните членови на Државната изборна комисија Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, судот за сторено кривично дело „повреда на избирачко право“, им изрече казна затвор од по две години.

Основниот кривичен суд во Скопје на 8 март 2019 година на обвинетите во случајот „Титаник 2“ им изрече вкупно 19 години и осум месеци казна затвор, но Апелациониот суд Скопје во ноември 2019 година, поради суштествени повреди на постапката, ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно одлучување.

Министерот за правда жали што дозволил да застари уште еден предмет.

„Веднаш по стапувањето на функцијата министер за правда, испратив дописи до Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и Јавното обвинителство на 14 март 2023 година, каде предупредив и побарав поефикасно и навремено преземање мерки со цел спречување на вакви и слични ситуации на застарување на судските предмети преку одложувања на судските процеси“, рече министерот Лога.

Тој додава дека и покрај неговата заложба да не се меша во независната судска власт, принуден е да реагира и да ги повика сите институции и организации „итно да преземат мерки за брзи реформи“.

„Ваквите случаи не му одат во прилог на развојот на општеството, туку напротив, со штетата која ќе ја предизвикаат уште повеќе ќе ја поткопаат довербата на граѓаните во целиот систем“, смета Лога.

Мијалков е обвинет за четири предмети од страна на Специјалното јавно обвинителство. За „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ му се суди вторпат, откако Апелација ги поништи пресудите со највисоки казни што му беа изречени. Апелациониот суд-Скопје пред две недели ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и припадниците на поранешната полициска единица „Алфи“ во случајот „Тортура“, откако претходно ослободителна пресуда донесе Кривичниот суд.

Екс директорот на УБК единствено издржува затворска казна за случајот „Империја“ во затворот во Струга. Во договор со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција тој призна вина и беше осуден на три години затвор, како и конфискација на имот во вредност од 30 милиони евра.