МВР со детали за смртта на Беличанец: Сопругот ја затекнал мртва и пријавил во полиција


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Безживотното тело на актерката Билјана Беличанец го затекнал нејзиниот сопруг и хорор глетката веднаш ја пријавил во полиција. Трагичниот настан се случил во стан на улица „Истарска“ во Скопје, а смртта кај познатата актерка настапила како последица на бесење, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Смртта ја констатирала екипа на Итната медицинска помош и по извршениот увид, а по наредба на јавен обвинител, телото на Беличанец е предадено за обдукција во Судска медицина.

Беличанец беше градоначалник на скопската општина Кисела Вода од 2013 година до 2017 година. Последните улоги ги имаше во претставите „Господа Глембаеви”и „Последните Македонци” во матичниот Драмски театар, а ќе остане препознатлива и по Туфи во ТВ серијалот за деца „Здраво генијалци“ од 90-тите. Нејзиниот препознатлив глас го користеше и за натсинхронизирање на турски серии.

Беличанец, меѓудругото, беше и Маргарет Флаерти во претставата „Заводникот од западниот свет“ во 1997 година, потоа Сузана во „Свадбата на Фигаро“ од 1998 година, на сцената се појави и како Софија Јегоровна во „Платонов“ во 1999 година, а истата година публика уживаше и во нејзиниот перформанс на Клариса де Бисоњози во „Арлекин – слуга на двајца господари“. Беше и Кинегонда во „Кандид во земјата на чудата“ во 2000 година и како Ерика Брукнер во „Мефисто“. Во „Тетовирани души“ во 2001 година ја имаше улогата на Маре.

Беличанец е родена на 25 јули во 1973 година во Скопје. Во 1994 година дипломираше како најмлад актер на Факултетот за драмски уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Истата година се вработи во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп каде претежно играше главни улоги за кои доби многу награди и признанија. Во 1997 година се вработи во Драмски театар – Скопје.

Извор: НоваТВ