„МКстартап Спејс“: Прв центар за „стартап“ заедницата во Македонија


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


„МКстартап Спејс“ е прв центар за стартап заедницата во Македонија. Тој претставува заеднички простор каде сите што се заинтересирани да започнат свој бизнис ќе може да добијат стручна поддршка, размена на искуства и меѓусебна соработка за надминување на предизвиците.

МКстартап Спејс е сместен во поранешните простории на Фондот за иновации во центарот на Скопје.

„Сите што се заинтересирани да започнат свој бизнис ќе имаат едно свое катче каде што може да дојдат и да бидат поддржани и од друга страна, преку Швајцарската програма за претприемништво ќе носиме, како и до сега, странски експерти, кои што ќе носат знаење, експертиза, но и новитети”, изјави Нина Николиќ, Координатор на Швајцарската програма за претприемништво.

Во последните две години Фондот за иновации поддржа стотина стартап компании во реализација на својот бизнис со околу 2,5 милиони евра.

“Веќе инициравме до Владата на Република Северна Македонија проширување на годишната програма, а со тоа и буџетот на Фондот за 2019 година, што предвидува меѓу другото реализација на уште еден повик за стартап компании”, изјави Јован Деспотовски, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Покрај заедничкиот центар, се изработува и дигитална платформа, чија цел е поинтензивна и поефикасна комуникација меѓу сите чинители од стартап заедницата, но и брзо и истовремено информирање за сите новини.

“Во моментов изработуваме дигитална онлајн дата платформа која што ќе биде готова до крајот на годинава, каде што треба да бидат сите стартапи, сите учесници, сите активни програми кои што нудат поддршка на тие стартапи и тука, на едно место ќе може да ги пронајдат сите информации”, изјави Дејан Алексов, претседател на Стартап Македонија.

“Северна Македонија станува прва во регионот што ќе го дигитализира стартап екосистемот, ако не и пошироко. Верувам дека останатите ќе може да учат од нашите добри искуства”, изјави Мирјана Македонска, директорка на проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

Дигиталната платформа ќе стане функционална до крајот на годинава, а до сега на неа се регистрирани околу 100 стартап компании.