Мијалков доби 15 минути „на само“ со сопругата и синот


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Бившиот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, кој денеска од притвор беше спроведен на завршните зборови за незаконската набавка на британска опрема за прислушување, во судница му беше дозволено на кратко да се види со сопругата Александра Мијалкова и со поголемиот син Јордан на 15-минутната пауза., пренесува СДК.

Мијалков, кој е осуден првостепено за масовното незаконско прислушување на 12 години затвор, е во исчекување на судска одлука и за овој случај именуван „Трезор“, каде Обвинителството го напаѓа дека место да купи опрема директно од производителот „Гама интернешнл“ од Британија, ја купил од фирмата „Финзи ДООЕЛ-Скопје“. Како управител фигурираше сликарот Коста Крпач, кој која се отвори истрага од СЈО за овој случај, беше најден мртов во станот, со куршум во градите.

„Финзи“, чиишто вистински сопственици изјави дека не ги знае ни обвинетиот Небојша Стајковиќ, според обвинението, првин ја купила опремата од „Гама“, а потоа му ја препродала на МВР за потребите на УБК каде што директор тогаш бил Мијалков.

За тоа како била купена опремата, обвинителот Трајче Пеливанов потсети на сведочењето на Ѓоко Поповски од МВР, кој рече дека обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујевски усно му наложиле да потпише набавка со „Финзи“, за потребите на УБК.

Со препродажбата, а потоа и со одржувањето на незаконско набавениот уред за следење и пресретнување на комуникација преку компјутер, „Финзи“ од МВР испумпала 820.000 евра. Башка, опремата не била функционална, а полицијата плаќала за одржување десетици илјади евра секој месец на правното лице „Финзи“.

Судот да ги прогласи за виновни и да им одреди казни согласно закон, но и конфискација на возило „Ауди“ и пари од две сметки, како и обвинетите да го платат преостанатиот износ од штетата направена со набавката на британската опрема за следење на комуникациите преку фирма посредник, побараа обвинителите Трајче Пеливанов и Артан Ајро во своите завршни зборови за случајот „Трезор“.

Штетата што е направена, според обвинителството, е речиси 50 милиони денари или точно 48 480 942 денари.

Обвинителите побараа за да се надомести штетата судот да одлучи да се конфискуваат пари од две сметки во Охридска банка (една со 838 106 денари и друга со 145 619 денари), како и автомобил „ауди“, проценет на нешто повеќе од еден милион денари.

Обвинителот Артан Ајро во завршните зборови не спомена за чии сметки и автомобил се работи, а за да се покрие останатиот износ од штета до речиси 50 милиони денари, побара да ја надоместат четворицата обвинети: ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков и поранешениот началник на Петтата управа во УБК да платат по околу 11,5 милиони денари, шефот на кабинетот на Мијалков и поранешен началник на оддел во Управата, Тони Јакимовски да надомести нешто повеќе од 7 милиони денари, а поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, околу 6 милиони денари.

Тројца од нив во овој предмет се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Јакимовски за помагање.

Обвинителот Ајро барањата на обвинителството ги кажа на крајот на денешното судско рочиште со завршни зборови и посочи дека обвинетите го сториле кривичното дело од лукративни причини, а нанесена е штета на државниот буџет.

На истите побарувања остана и државното правобранителство.

Адвокатот на првообвинетиот Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски, пак, во изјава за медиумите во однос на материјалната штета рече дека обвинителството во оваа судска постапка не доставило материјален доказ – вештачење од областа на економската наука, за да може да констатира штета.

Од друга страна, според него, тие како одбрана презентирале доказ дека нема штета и оти фирмата „Финзи“, која наводно имала корист, работела со позитивна нула, но најави дека сето тоа ќе го елаборираат во своите завршни зборови закажани за 5 април.

Претходно, како што веќе објавивме, обвинителите посочија дека обвинетите, наместо директно од фирмата „Гама интернешенл“ од Велика Британија, како најекономичен начин, опремата решиле да ја набават преку фирма посредник – „Финзи“. Потенцираа дека станува збор за фирма која првично била основана од офшор-фирма во САД, а на која, како краен сопственик, се јавува бизнисменот Орце Камчев.

Прв управител на скопската фирма бил регистриран братот на обвинетиот помошник-министер Стајковиќ, а потоа управител бил починатиот Коста Крпач. Оваа фирма, поради сомнителниот капитал и потекло, потенцираа, е дел и од истрагата „Империја“ каде што се осомничени и Мијалков и Камчев.

Обвинетите од УБК, според обвинителството, биле во Велика Британија на средба со британската фирма и ја договориле набавката, а кога се вратиле во земјава договориле набавката да оди преку „Финзи“ како фирма посредник. Уште пред да биде започната набавката, посочија, „Финзи“ потпишала договор со британската фирма за да биде ексклузивен дистрибутер на опремата што, според обвинителите, е очигледно дека зделката била договорена однапред.