Меркел и Макрон два пати ненадејно го напуштале самитот на ЕУ: „Унијата на овој начин ита кон пропаст“


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Политичките челници на Германија и Франција, Ангела Меркел и Емануел Макрон, два пати, со огромно незадоволство, нагло ја напуштале четиридневната средба на лидерите на ЕУ во Брисел.

Тие го напуштиле самитот бидејќи оцениле дека меѓу партнерите во ЕУ нема вистинска волја за солидарност и помош на најтешко погодените од коронавирусот, како ни свест дека без тоа целата Унија ита кон пропаст.

Но пред денешната нова рунда состаноци ставиле до знаење дека „многу внимателно се надеваат“ дека договор е можен, бидејќи постои рамка за спогодба за поголема помош за заздравување на Унијата од тешките економски и социјални последици на епидемијата на коронавирусот.

Ова на медиумите им го пренесоа француските и германските функционери на заседанието, додека Меркел доаѓајќи на самитот изјави дека е „остварен напредок кој дава надеж за договор денес“.

„Јас доаѓам со голема решителност да се оствари напредок… иако сѐ уште ништо не е договорено“, им кажа Макрон на новинарите кој за време на самитот бурно ја критикуваше таканаречената штедлива четворка – Холандија, Данска, Австрија и Шведска, на кои им се придружи и Финска, поради нивното барање предложениот фонд на субвенции и кредити значително да се намали и бесповратната помош на најзагрозените земји да се услови со структурни реформи.

„Штедливата четворка“ и Финска излегоа со последен предлог субвенциите од 500 милијарди евра да се намалат на 350 милијарди евра, а со кредитите од 250 милијарди да се намали и предложениот повеќегодишен буџет на ЕУ од илјада и 75 милијарди евра.

Остантите членки на европската 27-ка можеби би прифатиле конечен договор од 390 милијарди евра субвенции, но Берлин и Париз ставија до знаење дека крајната долна граница е 400 милијарди и Макрон порача дека е „подобро да се замине без договор, отколку со лош компромис“.

Францускиот претседател, како што наведуваат извори од Брисел, остро го критикувал најтврдиот во „штедливата четворка“, холандскиот премиер Марк Руте, како и австрискиот канцелар Себастијан Курц.

„Прашањето е следното“, кажа Макрон. „Или лидерите на ЕУ, одговорни пред европските народи, ќе бидат способни да изградат единство и доверба, или ние со раздор ќе покажаме дека Европа е слаба, разбиена од недовербата?“

Германскиот весник Зидојче цајтунг во денешниот коментар предочи дека „доколку проектот за помош од стотици милијарди евра не успее, Европската Унија би морала сериозно да ги преиспита причините за своето постоење“.

„Штедливата четворка“ и Финска исто така сметаат дека помош мора да им се даде на членките кои се најтешко погодени од пандемијата, а кои самите поради презадолженоста и немањето сопствени средства не можат да се изборат со падот на економската активност, но така што ќе се „троши само она што е заработено“.

Но сметаат дека тоа повеќе мора да бидат кредити, а не голема сума „подароци“ кои солидарно ќе ги враќаат сите членки на Унијата, како и дека помалку богатите членки, особено Италија и Шпанија, паралелно мора да преземат обврска за спроведување на структурни реформи на пазарите на трудот, пензискиот систем и биџетско-даночниот механизам.

Италија, Шпанија и „јужните земји“ од ЕУ се исто така големи извозни пазари за „штедливата четворка“, Финска, но и Германија.

Второто проблематично прашање е како ќе биде прифатен ставот на повеќето членки на ЕУ, Европската комисија и Европскиот парламент дека од вкупниот фонд за опоравување од илјада и над 800 милијарди евра средства не можат да добијат оние членки на Унијата кои ги кршат основните вредности на владеењето на законите, независноста на правосудството и слободата на медиуми.

Европската комисија поради тоа почна постапка против Полска и Унгарија.