Меѓународните кредитори не постигнаа договор со грчката Влада за спорните прашања


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Претставниците на меѓународните кредитори на Грција се очекува денеска да си заминат од Атина без да биде постигнат договор со грчката Влада за спорните прашања, вклучително и за пензиските реформи и промените во правата на работниците и даночниот систем.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, и покрај инсистирањето на европските функционери дека ревизијата на програмата нема да заврши пред мај, грчката Влада тврди дека има доволно време за договор значително порано од тоа, иако веројатно не на време за состанокот на Еврогрупата закажан за 20 март.

Портпаролот на грчката Влада, Димитрис Цанакопулос изјави дека двете страни се договориле за позитивните мерки, мислејќи на збирот т.н. контрамерки, кои вклучуваат намалување на данокот на додадена вредност, данокот за имот, но остана нејасен во врска со напредокот околу контроверзните мерки на штедење што се главна тема на дискусија, односно намалување на пензиите и намалувањето на прагот за оние кои се ослободени од данок.

Владини извори синоќа соопштија дека клучен камен на сопнување во разговорите се реформите на трудот и грчките власти не сакаат да попуштат на барањата на доверителите за поголема флексибилност во приватниот пазар на трудот.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас кој вчера беше во Брисел на самитот на лидерите на Европската унија, се обиде да биде позитивен во текот на изминатата недела, најавувајќи фонд за раст за бизниси во северна Грција и најави јавни консултации за ревизија на Уставот, коментира весникот Катимерини.

Не се очекува Ципрас да ги убеди неговите европски колеги да се постигне политички договор за да се надмине застојот во преговорите за финансиска помош, како што направи во минатото. Всушност, се чини дека клучните лидери на ЕУ се фрустрирани од Грција поради неколку причини, вклучувајќи го и она што го сметаат за негов неуспех соодветно да се справи со бегалската криза во Унијата, пишува весникот.