Манчестер Сити го тресе финансиски скандал – „Шпигел“ објави документи за аферата


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Шампионот на Англија, Манчестер Сити е вмешан во голем скандал. Германскиот весник „Шпигел“ објави документи од кои се гледа дека поранешниот менаџер на тимот, Роберто Манчини незаконски земал дел од платата.

Според документите се гледа дека Италијанецот потпишал два договори, од кои едниот бил фиктивен.

Роберто Манчини застана на чело на „граѓаните“ во 2009 година, а си замина во 2013 година и за тоа време го предводеше клубот до првата титула по 44 години.

Истрагата на „Шпигел“ ги открива бројките од договорот меѓу Манчини и Манчестер Сити, приложувајќи копија од договорот. Според него, Италијанецот требало да добие годишна плата од 1,4 милиони фунти, плус надоместоци од 4 милиони. Уште истиот ден, Манчини потпиша уште еден договор за консултантски услуги од 1,7 милиони фунти со „Ал Џезира“ и додатоци „кои треба да се уплатат на сметка наведена од вашата компанија и да се платат без било какви даноци“, се вели во написот.

Изданието објавува и информации за случај во 2013 година кога англискиот клуб ги прекршил правилата на ФИФА за трансфери на млади играчи. Станува збор за привлекување на Браим Дијаз од Малага. Тогаш актуелниот играч за врска на Милан има само 14 години, а според „Шпигел“, сопствениците на Ман Сити од „Абу Даби Јунајтед груп“ за него платиле 360.000 евра. Операцијата е извршена со посредство на компанија регистрирана во Барселона, која ги пренасочила парите во Малага.

Како што е познато, ФИФА им забранува на клубовите да купуваат играчи до 16 години од други земји.

Во 2020 година, УЕФА го отстрани Манчестер Сити од Лигата на шампионите на две години поради финансиски махинации, но англискиот клуб ја обжали одлуката до Судот за спортска арбитража (CAS) и санкцијата беше укината.