Македонското високо образование е тажна приказна – ниту еден македонски универзитет не е во првите 1.000 од Шангајската листа


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Од македонските универзитети ниту еден не е вброен меѓу најдобрите 1.000 на академското рангирање на најдобрите универзитети во светот, познато како Шангајска листа.

Американските универзитети и годинава ја задржаа доминацијата на врвот на списокот на Шангајската листа на најдобри универзитети во светот.

Дваесет и една година по ред, американскиот универзитет Харвард е на врвот на таа листа која е составена од независната консултантска агенција Шангај Ранкинг консултанс. Универзитетот Стенфорд и Институтот за технологија Масачусетс (МИТ) се на второто и третото место.

Во првите десет, освен осум универзитети од САД се и два од Обединетото Кралство, и тоа на четврто место е Универзитет во Кембриџ, а на седмото место е Универзитет во Оксфорд.

Од регионот, пак, најдобро се оценети универзитетите во Белград и во Атина, кои се наоѓаат меѓу 300. и 400. место. За Универзитетот во Белград ова е подобрување, кој од позиција меѓу 401. и 500., сега е меѓу 301. и 400. Стотина места подолу е Универзитетот од Загреб, Хрватска, кој го има задржано минатогодишното рангирање меѓу 401. и 500. место. Годинава лошо котира Универзитетот во Љубљана кој се наоѓа под 600. место.

На Шангајската листа, годинава, нема ниту еден универзитет од Бугарија и Албанија.

На Шангајската листа, годинава два кинески универзитети го прават своето прво појавување. Тоа се Централниот јужен универзитет кој е 95-ти и Универзитетот Нанџинг на 96. место од Кина. Исто така, има и 35 универзитети кои по првпат влегуваат во Топ 1 000.

Шангајската листа се смета за една од најрелевантните и се објавува од 2003 година. Оваа година биле анализирани над 2 500 институции, а конечната листа ги претставува најдобрите 1 000 универзитети во светот врз основа на транспарентна методологија и објективни податоци.