Откако романот „Путер“ од Асако Јузуки го разбранува книжевниот свет, се наметнува прашањето: зошто јапонските книги се толку присутни на светските листи на бестселери, меѓу препораките на социјалните мрежи и на полиците во книжарниците? Од нежни приказни за мали книжарници и мачки до романи што ги истражуваат осаменоста, загубата и потрагата по смисла, јапонската книжевност допира до читателите што бараат повеќе од напнат заплет. Што ја прави толку привлечна и зошто интересот за неа постојано расте?
Книжевен здив во забрзаното секојдневие
Една од причините за популарноста на јапонските романи е начинот на кој го прикажуваат секојдневниот живот. Наместо големи пресврти и драматични расплети, во многу од нив во средиштето се малите ритуали, случајните средби, шолјата кафе, тишината меѓу двајца луѓе или времето поминато во книжарница.
Овој пристап често се поврзува со идејата за бавно живеење, односно за поспокоен и посвесен однос кон животот. Во свет што бара постојано да бидеме продуктивни, достапни и насочени кон следната цел, книгите што нè потсетуваат на вредноста на малите нешта носат поинакво задоволство. Сепак, тоа не значи дека сите јапонски романи се тивки и утешни. Оваа книжевност опфаќа и психолошки трилери, мрачни драми, дистопии и општествено ангажирани приказни. Токму разновидноста им овозможува на читателите да најдат книга што одговара на нивното расположение.

@camille_pidoux
Тивки чувства што оставаат длабока трага
Во јапонските книги често има простор и за она што ликовите го премолчуваат. Тагата, носталгијата, осаменоста и чувството дека некаде не припаѓаме не мора да бидат докрај објаснети за читателот да ги препознае. Емоциите неретко се пренесуваат преку атмосферата, ситните детали и навидум незначајните случки. Ваквото раскажување особено може да им се допадне на оние што се заситиле од предвидливи заплети и директни пораки. Наместо да ни наложи што да мислиме или чувствуваме, приказната нè остава самите да го откриеме нејзиното значење.
Затоа многу јапонски книги се читаат полека, а остануваат со нас и по последната страница. Нивната сила не е секогаш во одговорите што ги нудат, туку во прашањата што успеваат да ги отворат.
Како социјалните мрежи ги приближија јапонските автори до нови читатели
Подемот на јапонската книжевност е поврзан и со социјалните мрежи, особено со заедниците на љубители на читањето. Впечатливите корици, кратките препораки и цитатите во кои луѓето ги препознаваат сопствените искуства им помогнаа на одделни наслови да стигнат до публика што претходно можеби не читала јапонски автори. Издавачите го препознаа интересот за романи што ги спојуваат книжевноста, секојдневните ритуали и преиспитувањето на сопствените чувства, па на меѓународниот пазар се појавија многубројни нови изданија и преводи.
Но ако јапонската книжевност ја сведеме само на смирувачки приказни за кафулиња, мачки и мали животни радости, ќе ја пропуштиме нејзината широчина. Зад светски популарните наслови стои книжевна традиција што ги обработува класните разлики, родовите улоги, семејните односи, идентитетот и притисоците на современото општество.
Јапонски наслови за вашата листа за читање
Овие книги не привлекуваат само затоа што ни овозможуваат да ѕирнеме во поинаква култура. Тие нè потсетуваат дека и обичните денови заслужуваат внимание, дека осаменоста не е секогаш видлива и дека понекогаш не мора да го смениме целиот живот за да почнеме поинаку да го доживуваме.
„Уште едно маче на рецепт“ – Шо Ишида
Продолжението на бестселерот „Маче на рецепт“ носи нови мачки со исцелителна улога. Меѓу нив се Котецу, четиримесечно бенгалско маче што ја троши својата неисцрпна енергија кинејќи постелнина и завеси; малечката, но решителна и љубопитна Шаша, за која не постојат пречки; и мрзливата госпоѓица Мичико, мека и утешна како мочи. Секоја од нив ќе му биде „препишана“ на друг лик за да му помогне да закрепне. Котецу ќе ѝ го олесни на студентката Мое пребродувањето на раскинувањето со саканото момче. Еден повозрасен вдовец ќе се соочи со последиците од болната загуба кога ќе им ја врати изгубената Мичико на нејзините сопственици, а палавата Шаша ќе му помогне на млад човек од кого семејството очекува многу. Покрај нив, ги запознаваме и другите ликови чие секојдневие го збогатуваат различните мачешки карактери и навики.

„Уште едно маче на рецепт“ – Шо Ишида
„Малата цвеќарница во Токио“ – Јукихиса Јамамото
Кикуко Кимина има само 24 години, но веќе е исцрпена од искористувањето на работното место и не знае во која насока да го води животот. Една вечер, по судир со шефот во ресторанот, ја запознава Рита Тоџима, која ѝ нуди привремена работа во цвеќарницата „Каваразаки“. Така почнува неочекувано искуство што ќе ѝ го збогати животот. Низ средбите со муштериите, Кикуко го учи јазикот на цвеќињата – магнолиите, сончогледите, хризантемите, мимозите, цветовите на црешата, момините солзи и каранфилите – и ги открива нивните универзални пораки за достоинството, надежта, тагата, љубовта и благодарноста. Романот раскажува и за тоа како промената на животната насока, која однадвор изгледа како чекор наназад, може да биде најважниот чекор напред. Топлата и трогателна приказна, исполнета со мали секојдневни чуда, ги слави благородноста, солидарноста и ненаметливата сила на цвеќињата.

„Малата цвеќарница во Токио“ – Јукихиса Јамамото
„Додека не се излади кафето“ – Тошиказу Кавагучи
Масичка, кафе и една одлука – понекогаш тоа е сè што ни треба за среќа.
Во Јапонија повеќе од сто години постои едно необично кафуле за кое се раскажуваат безброј легенди.
Велат дека секој што ќе влезе во него, излегува променет.
Извор: Lepota i Zdravlje