Македонија во „статус кво“ состојба според корупцијата кај пратеници, судии и обвинители


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Според вториот извештај на ГРЕКО (Група држави против корупцијата), кој беше усвоен на 22, а денес и официјално објавен, Македонија не направи суштински напредок во спроведување на препораките за спречување корупција меѓу пратениците во Парламентот, судиите и меѓу обвинителите.

Според антикорупциската група на Советот на Европа, работата на ова поле на државата во оваа фаза е „јасно разочарувачка”, па ги повикува властите да преземат порешителна и фокусирана активност во однос на бројот на препораките објавени пред 4,5 години.

Во извештајот на ГРЕКО се наведува дека на задоволително ниво се спроведени само шест од 19 препораки. Од останатите 13, 8 препораки се делумно спроведени, а пет воопшто не се спроведени. Што се однесува до пратениците во парламентот, пак, ниту едно од препорачаните подобрувања не е спроведено ниту делумно. Тука се вклучени препораките на ГРЕКО за воведување правила за ангажман на пратениците со лобисти и други групи кои сакаат да влијаат на законодавниот процес, како и за интерни механизми во Собранието за спречување конфликт на интереси и земање подароци или прифаќање услуги.

Во однос на судиите и обвинителите, ГРЕКО оценува дека државата направила некои лимитирани подобрувања, наведувајќи го усвојувањето на измените на Законот за Судскиот совет во декември 2017 и мај 2018 година. ГРЕКО, исто така нотира дека се формирани нови советодавни и супервизорски тела за судиите и обвинителите со цел да се поддржи спроведувањето на соодветните правила на однесување во секојдневната пракса, но овие подобрувања ќе треба повторно да се преиспитуваат кога ќе има поконкретни информации за тоа.

Антикорупциската група на Советот на Европа има забелешки и за функционирањето на Антикорупциската комисија и, како што стои во извештајот, дури и жали што нема никаква активност за зајакнување на контролната функција и за поддршка на побалансирана и аполитична Државна комисија за спречување на корупција.

Во извештајот на ГРЕКО се потсетува дека во последниот извештај на Европската комисија објавен во април годинава не е нотиран напредок во однос на зајакнувањето на истражувачките капацитети и независноста на Антикорупциската комисија од политичките партии и, генерално има ограничени податоци за корупциски случаи во кои се вклучени високи функционери.

Уште повеќе, според ГРЕКО, самата Антикорупциска комисија неодамна беше вмешана во сериозни контроверзи, што доведе до тоа повеќето од нејзините членови да поднесат оставки поради обвинувањата за злоупотреби.

ГРЕКО заклучува дека сегашното многу ниско ниво на усогласеност со препораките е „генерално незадоволително” и бара од шефот на делегацијата на Македонија да достави извештај за напредокот на земјата во спроведувањето на препораките што е можно побрзо, но најдоцна до 30 јуни 2019 година.